Сè повеќе барања за забрана на ТикТок

ТикТок
ТикТок / Kon Karampelas, Unsplash

Повикот за забрана на ТикТок во светски рамки зема сè поголем замав на социјалните мрежи. По обвинувањата дека кинеската платформа ги злоупотребува информациите на корисниците, барањата за преземање акција против ТикТок се зголемија, при што минатиот петок за помалку од 10 часа беа споделени повеќе од 10.000 твитови кои повикуваат на забрана.

Хакерската група „Anonymous” тврди дека ТикТок има вградено малициозен софтвер со кој информациите се испраќаат до кинеската влада. Оваа група која е позната по своите енергични напади врз целите, го обвини ТикТок за шпионирање на милиони свои корисници. Тие велат дека апликацијата има многу проблеми со безбедноста и приватноста.

Другите обвинувања велат дека компанијата ѝ нуди шанса на Кина да ги набљудува децата и младите луѓе и да ги анализира нивните комерцијални и политички интереси. Најголемиот дел од корисниците на ТикТок се на возраст помеѓу 16 и 24 години.

Индија неодамна забрани 59 кинески апликации, меѓу кои и ТикТок, после судирот помеѓу индиската и кинеската војска во Галван, Ладах на 15 јуни, во кој загинаа најмалку 20 индиски војници. Индија се одлучила за забрана на апликациите поради тоа што тие претставувале „закана за интегритетот и суверенитетот, одбраната, безбедноста и јавниот ред во Индија“.

Според извештајот на неколку аналитичари за мобилни апликации, ТикТок бележи повеќе од 1,12 милијарди преземања од виртуелните продавници само во мај. Голем дел од овие преземања се од Индија. Оваа држава има околу 200 милиони корисници, двојно повеќе отколку во САД.

Апликацијата ТикТок е во сопственост на компанијта ByteDance, со седиште во Пекинг, Кина. Овој кинески технолошки гигант се соочува со загуба од над 6 милијарди амеркански долари откако освен ТикТок, уште две нејзини апликации се најдоа на листата на забранети кинески апликации во Индија претходната недела.

Неколку инфлуенсери на социјалните медиуми сметаат дека забраната на ТикТок не претставува загуба поради нејзиниот недемократски алгоритам.

Бројот на преземања на апликацијата секојдневно се зголемува. Видеата кои се објавуваат на оваа платформа, на другите социјални мрежи често се опишувани како „смешни“, „срамни“, но и „опасни“.