Популарноста на ТикТок расте и покрај ниските оцени

Фото: Antonbe, Pixabay

Просечната оцена на видео платформата ТикТок месецов падна од 4,6 на 1,2 на виртуелната продавница за апликации Play Store. Падот се должи на онлајн битката која започна во Индија пред неколку денови, откако ТикТок креаторот Амир Садики ги обвини јутјуберите дека копираат содржини од кинеската апликација, наводно поради сè поголемиот интерес на брендовите да се рекламираат таму.

Познатиот индиски јутјубер CarryMinati, пак, преку видео одговори на обвинувањата, по што неговото видео беше отстрането од Јутјуб поради прекршување на условите за користење. Ова беше доволна причина неговите фанови да започнат тренд од неколку хаштагови, преку кои повикуваа на банирање на ТикТок и оценување со најниски оцени и коментари на продавниците за апликации на Google и Аpple. ТикТок во моментов е оценет со средна оцена 1,6 од можни 5.

И покрај паднатиот рејтинг, малку е веројатно апликацијата да биде отстранета од виртуелните продавници. Популарноста на ТикТок од минатата година вртоглаво се зголемува, за што говори и фактот дека има над 800 милиони активни корисници, што е далеку повеќе од бројот на корисници на добро познатите Твитер, Снапчет или Пинтерест. Овие бројки, кинеската видео платформа ги достигна за помалку од три години. За споредба, на Инстаграм му беа потребни шест години за да стигне до толкав број на корисници.

Средната оцена на ТикТок во моментов изнесува 1,6 l Скриншот од Google Play Store

ТикТок првично беше пуштена за користење во 2016 година само во Кина, под името Douyin, а веќе наредната година, ByteDance ја лансираше и на маркетите надвор од Кина. И покрај тоа што го користат истиот софтвер, ТикТок и Douyin се различни мрежи поради кинеските ограничувања и цензура. ТикТок е најпопуларна помеѓу младите, па така 41% од нејзините корисници се на возраст помеѓу 16 и 24 години.

„Мета“ разговараше со едни од првите корисници на оваа платформа во Македонија, Мартин Ѓорѓиевски и Марија Стојанова. И двајцата се согласни дека во моментов ТикТок го достигнува врвот според бројот на корисници и содржини. Популарноста, според нив, се должи на уникатната можност за изразување на креативноста и едноставниот начин на кој може да се стане познат таму.

„ТикТок е апликација каде што можеш да ставиш секакво видео, без оглед колку е креативно. Буквално едно видео на било кој корисник на апликацијата може да стане вирално, бројката на прегледи може да стане милионска. Секој може да стане познат овде и затоа сите сега се приклучуваат кон апликацијава. Лично, ТикТок го доживувам како еден излез од сите проблеми што ги имаме секојдневно. Ја пуштам апликацијата и тој еден проблем, случка ги претворам во видео “ – вели Мартин Ѓорѓиевски.

„Другите апликации како што се Инстаграм, Фејсбук, Твитер, веќе имаат некои норми во однос на тоа како треба да се користат, што треба да се постира и слично. ТикТок е нова апликација за која сè уште не важат некои непишани правила и нема очекувања од креаторите и буквално е само за забава. Исто така секој корисник има иста шанса неговото видео да стане вирално“ – тврди Марија Стојанова, која ја користи апликацијата од 2017 година.

Видео-креаторите имаат различни алатки и филтри кои им се достапни и можат да ги искористат при создавањето на видеата. Корисниците најчесто пеат, играат, а популарни се и усните синхронизации. Платформата на корисниците им овозможува и да заработуваат на повеќе начини.

„Од сè може да се заработува ако се сака. На ТикТок можеш да заработуваш преку спонзорства или соработки со други брендови или креатори. Директно, преку апликацијата може да се заработува и со „Gifts“, кои се виртуелна тарифа која може да се конвертира во парични средства. Но, во Македонија и општо на Балканот, ретко кој заработува на ваков начин“ – вели Стојанова.

И двајцата тврдат дека нискиот рејтинг не влијае на бројот на корисници и содржини.

„Не го гледајте рејтингот, само пуштете ја апликацијава и цела македонска естрада ќе ја видите таму“ – додава Ѓорѓиевски.

ТикТок има повеќе од 2 милијарди симнувања преку виртуелните маркети на Google и Apple. Бројот на корисници значително се зголеми откако во речиси сите држави беше воведен домашен карантин. Со тоа, ТикТок останува една од најпопуларните социјални мрежи во светот.