Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура почнува в понеделник

Од 15 август до 2 септември, во Охрид ќе се одржи 54. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. По пауза од една година, Летната школа повторно ќе се одржи со настава и предавања во живо и со почитување на пропишаните протоколи.

На школата своето учество досега го потврдиле четириесетмина семинаристи од 15 земји во светот, соопштија организаторите. Свеченото отворање ќе се случи на 16 август со почеток во 12 часот, во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид, каде свечени обраќања ќе имаат претседателот на државата, Стево Пендаровски и ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски.

Во текот на дваесеттината денови учесниците на овогодинешната Летна школа ќе имаат можност да слушаат лекторска настава со вкупен фонд од 55 часа, како и 13 предавања од врвни специјалисти и познавачи на творештвото на Блаже Конески од повеќе аспекти, како и да проследат неколку културни настани.

Во рамките на школата планирани се и неколку промоции на изданија меѓу кои се издвојуваат зборникот со препеви на песни и преводи на прозни текстови „Конески на 11 јазици“ и „Теми за македонската литература во XX век“ од академик Ала Шешкен од МГУ „Ломоносов“.

И оваа Летна школа е дел од годишната програма на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, а се остварува во рамките на богатата програма посветена на јубилејот на великанот Блаже Конески, како дел од Програмата на манифестацијата „2021- Година во чест на Блаже Конески“.

По неа, на 3 и 4 септември се најавува и 48. Меѓународна научна конференција, на која, покрај домашни, учество ќе земат и 20 странски излагачи. На конференцијата околу 80 македонисти, слависти и балканисти ќе ги изложат своите истражувања на тема „100 години од раѓањето на Блаже Конески – стожер на македонскиот јазик, литература и култура“.