Изработени детални урбанистички планови, легализирани 100 домови и реновирани 12 домови се дел од постигнатите резултати на проектот „Одржлив урбан развој на Ромските заедници“, кој здружението Хабитат Македонија го спроведе со општините Велес и Шуто Оризари со финансиска поддршка од Европската Унија.
На завршниот настан беа презентирани постигнатите резултати од проектот кој започна да се реализира кон крајот на 2020 година, а со цел да придонесе кон инклузивен, ефикасен и одржлив урбан развој кај Ромите и маргинализираните заедници во Шуто Оризари и Велес.
Во рамки на проектот, како што стои во соопштението, изработени се и предадени во процедура на одобрување повеќе детални урбанистички планови со кои ќе се овозможи подобрување на условите за домување на жителите и унапредување на урбаното живеење во општината Шуто Оризари. Направена била и реконструкција на педијатриската амбуланта, за подобрување на нејзината енергетска ефикасност, а Хабитат Македонија им помогнале на 100 домаќинства да ги легализираат бесправно изградените домови.
„Со овој проект направивме голем чекор кон урбанизација на општината и унапредување на домувањето. Треба да се донесат првите детални урбанистички планови во општината, голем исчекор претставува ангажирањето на заедницата преку формирањето и обуката на локалните лидерски групи кои го поддржуваат процесот за да ги објаснат придобивките од урбанизација во локалната заедница. Дополнително, вклучувањето на заедницата, на младите во волонтерски активности при реконструкцијата на амбулантата и домовите, има големо значење за општината, а проектот на семејствата ќе им овозможи подобар квалитет на живот на долг рок“, изјави градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш.
Во општина Велес, покрај изработката на детални урбанистички планови, акцент бил ставен на правилното отстранување на отпад како основа за урбано живеење во областите каде што живеат ранливи домаќинства.
„За таа цел во рамките на проектот беа набавени возила за собирање на смет за ЈКП Дервен низ тешко пристапните делови на Велес, набавена е урбана опрема за правилно отстранување комунален отпад за 300 ранливи домаќинства во населбата Рамина, а се спроведе и едукативна кампања за правилно отстранување отпад. Дополнително, од страна на волонтери се спроведе акција со која беа исчистени 10.000 квадратни метри јавни површини во населбата Рамина“, стои во соопштението.
Во рамки на проектот реновирани биле вкупно 12 домови на најранливи семејства во општините Шуто Оризари и Велес, кои живееле во супстандардни услови, определени во процес на селекција според утврдените критериуми од страна на локалната самоуправа и општинските центри за социјална работа. Реновирањето опфаќало обновување на покриви, фасади, прозорци и други интервенции согласно потребите, со цел да се обезбедат адекватни услови за домување, но и да се подобри енергетската ефикасност на домовите.
„Целта на сите активности во проектот беше да се поддржи урбаниот развој на овие маргинализирани групи, да се едуцираат за своите права во областа на урбанистичкото планирање, да се покаже дека со стручна поддршка може да се легализираат домовите, да се покаже дека и со поскромни интервенции може да се обезбеди подобар, поздрав и финансиски постабилен живот. Адекватното домување е основа за елиминирањето на другите бариери со кои се соочува оваа ранлива група на граѓани и затоа верувам дека со проектот направивме чекор понапред кон обезбедување на еднакви можности за сите“, изјави Зоран Костов, извршен директор на Хабитат Македонија.