Креаторот на „Покемон Гоу“ отпушта четвртина од вработените

Компанијата објави дека ќе го затвори своето студио во Лос Анџелес, САД и дека ќе откаже две од своите игри

Photo by Cyrus Crossan on Unsplash

Компанијата „Ниантик“ – креаторот на популарната видеоигра „Покемон Гоу“ (Pokemon Go) соопшти дека ќе отпушти четвртина од својата работна сила. Чекорот следува по пријавениот пад на приходите, во период кога гејминг индустријата се соочува со успорување на побарувачката откако преземањата на игри значително се зголемија за време на пандемијата, пренесува Би-би-си.

Компанијата објави дека ќе го затвори своето студио во Лос Анџелес, САД и дека ќе откаже две од своите игри. Повлечена ќе биде НБА видеоиграта на „Ниантик“, додека компанијата го запира производството на „Marvel World of Heroes“.

„Покемон Гоу“ стана глобален феномен кога беше објавена во 2016 година. Во тоа време од „Епл“ изјавија дека играта го соборила рекордот за најмногу преземања за една недела на нејзината продавница за апликации.

Додека траеше Покемон „треската“, гејмерите „ловеа“ виртуелни суштества од играта шетајќи низ јавните простори и барајќи ги. Некои корисници ги игнорираа безбедносните предупредувања, што доведе до сообраќајни незгоди, повреди, па дури и до смртни случаи.

Се очекува отпуштањата да опфатат околу 230 работници во „Ниантик“.