Бројот на живородени во нашата земја лани изнесувал 19.845 деца и за првпат во изминативе 25 години падна под границата од 20.000 на годишно ниво, откриваат податоците од новата публикација за природното движење на населението на Државниот завод за статистика.
Споредбата на податоците од периодот 1994-2019 година покажува драстично намалување на бројот на живородени и пораст на бројот на починати лица. Имено, во 1994 година во земјава имало 31.421 живородени, додека во 1995 година имало 29.886 живородени деца, а со текот на годините, наталитетот во земјава постепено опаѓа. Покрај тоа што бројот на живородени се намалил за повеќе од 10.000 деца во изминативе две и пол децении, во истиот период бројот на починати се зголемил за речиси 5.000 лица. Во минатата година починале 20.466 лица, со што природниот прираст прв пат е негативен и изнесува -601.
Повеќе истражувања и студии во изминатиов период покажуваат дека една од главните причини за намалување на наталитетот во земјава е иселувањето на младата популација. Ваквите трендови продолжуваат, а во недостиг на попис на населението нема точни бројки за бројот на иселените лица.
Во Студијата за млади на Северна Македонија 2018/2019 изработена од Фондацијата Фридрих Еберт се констатира дека кај младите во Македонија сè уште постои желбата за миграција и напуштање на земјата, во потрага по подобар животен стандард.
„Како импликација од спроведените истражувања за младите се добива сознание дека младите на иселувањето гледаат како на можност да се стекнат со финансиска независност од родителите и со сопствено место за живеење, не можејќи истото да го остварат преку вработувањето во матичната земја. Според истражувањата, 80 отсто од полнолетните млади луѓе сè уште живеат во домот на своите родители“, се вели во студијата.
Во неа се додава дека во однос на желбата за миграција надвор од земјата, младите можат да се поделат во три групи: една третина од младите имаат силна желба да ја напуштат матичната земја, една третина изразиле средна желба за миграција, и една третина воопшто немаат таква желба.
Истражувањето покажало дека за повеќето млади луѓе или за 48,3 отсто главна причина за иселување е подобрување на животниот стандард, потоа е наведена повисоката плата за 17,5 отсто, подобри можности за вработување со 11,3 отсто и подобро образование за 7,8 отсто од испитаниците.