Скопска „Комунална хигиена“ лани собрала 11.000 метри кубни расфрлан отпад по дивите депонии во главниот град, а во 2021 година нивната еко-патрола изготвила вкупно 1.359 информативно-едукативни записници на граѓани и правни субјекти коишто биле затекнати како неправилно одлагаат отпад.
Во просек, лани се пишувале по 3-4 записници за расфрлан отпад секој ден, а по врачувањето на записниците, сторителите отстраниле вкупно 801 метри кубни неправилно одложен отпад на јавните површини.
Во главниот град на секој чекор може да се пронајде расфрлан отпад, но од скопското јавно претпријатие велат дека во 2021 година отстраниле рекордно количество на отпад од дивите депонии во Скопје. Една година претходно, во 2020 од јавните површини биле отстранети околу 9.000 метри кубни отпад, а количеството на отстрането ѓубре од дивите депонии се зголемува постојано од 2017 година.
Од „Комунална хигиена“ потенцираат до граѓаните дека покрај услугите на општинската депонија „Дрисла“, во Скопје може да ги користат и нивните бесплатни услуги за одлагање на отпадот.
„ЈПКХС продолжува да им ја нуди можноста на граѓаните што имаат обезбедено сопствен превоз, бесплатно да го одложат својот кабаст отпад во центрите за селекција во Карпош и во Вардариште, секој ден во неделата, во терминот од 07 до 19 часот“, велат од претпријатието.
Покрај оваа бесплатна можност, граѓаните на Скопје кои сакаат да се откажат од стар мебел или неупотребливи електронски и електрични уреди, можат да се јават во ЈП „Комунална хигиена“ на бесплатниот број 0800 222 33 и да договорат посета на нивните домови од екипа на претпријатието, при што отстранувањето и транспортот на отпадот од домовите како услуга се наплатува.
Лани од главниот град биле собрани и транспортирани вкупно 166.678 тони комунален отпад од страна на ЈП „Комунална хигиена“, а ова рекордно количество на подигнат отпад во 2021 е зголемено за речиси 5,2 отсто во споредба со 2020 година.