Владата денеска донесе одлука за забрана на движење, односно полициски час во Куманово. Целосна забрана за движење има во време на викендот во периодот од 21 до 5 часот изутрина, а во работните денови, забраната за движење ќе важи во периодот од 16 до 5 часот следниот ден. Во градот веќе има забрана за меѓуградски и градски превоз, а движењето ќе биде дозволено само за земјоделски активности, односно само за работни потреби во околните села.

Министерот Венко Филипче информира дека денеска од Клиниката за инфективни болести испуштени на домашно лекување се тројца пациенти откако два последователни брисеви им биле негативни.

– Имаме и двајца починати, едниот пациент на 68 годишна возраст со претходни болести како и пациент на 70 години, со тешка форма на воспаление на белите дробови. Во овој момент на клиниката се хоспитализирани 67 пациенти, 10 пациенти имаат тешка форма на болеста, а другите се со лесна и средна клиничка слика. Во последните 24 часа, имаме 46 нови случаи – вели Филипче.

Потврдени се позитивни тестови на 11 вработени лица во кумановската болница. Оваа бројка, ја компромитира работата на инфективното одделение во болницата. Поради тоа, упатени се двајца доктори од Скопје и од Штип кои ќе ја одржуваат работата на ова одделение.

– На Клиниката за инфективни болести има медицински техничар кој е позитивен на корона вирусот. Има клиничка слика на воспаление, направена е и меѓу вработените епидемиолошка анкета, согласно тоа ќе се постапи – додаде министерот.

Тој информира дека засега има доволен број на тестови. Рече дека има пари во буџетот за оваа намена. Се заблагодари за помошта која пристигнала од словенечката влада, како и за помошта од Европската Унија во вредност од четири милиони евра, наменети за надградување на капацитетите.