fbpx

Кумановец и гостиварец царувале со пазарот на хероин во Швајцарија

-

Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал на македонската полиција, во заедничка акција со претставници на швајцарските органи на прогонот, денеска извршиле претреси на три локации во Гостивар заради обезбедување докази во врска со меѓународна истрага против македонски државјани кои оперирале на наркопазарот на територијата на Швајцарија, соопшти МВР.

– Заради пронаоѓање докази за сторено кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело, постапувајќи по барање за меѓународна правна помош, беше остварена соработка помеѓу јавното обвинителство на Швајцарија и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и беа извршени претреси кај две лица од Гостивар и кај една туристичка агенција од Гостивар – информираат од МВР.

Претходно, во октомври минатата година, во рамките на истрагата, во Швајцарија биле уапсени две лица, македонски државјани, вмешани во организирање транспорт и продажба на хероин на територијата на земјата. Според полицијата, станува збор за кумановецот Сабедин Саити (44) и Кујтим Алигега (56) од Гостивар, а при операцијата биле запленети и 25 килограми хероин и 60.000 швајцарски франци. Во текот на истрагата, било утврдено дека дел од парите од продажбата на дрога, преку брз трансфер на пари, како и преку курири, биле испраќани во Македонија.

– Станува збор за крупни играчи на швајцарскиот наркопазар, кои ги снабдувале со хероин поголемите дилери во Швајцарија, но и во околните земји. Сознанијата на швајцарските органи на прогонот говореле дека истите набавуваат големи пратки хероин од Турција и по разни канали успевале илегално да го внесат во Швајцарија. Во една пригода, швајцарските власти успеале да запленат и стотина килограми хероин, но заради непостоење доволно докази, не успеале да покренат обвинение против Саити и Алигега. Нелегално стекнатите средства ги покривале преку бизниси со градежништво и со трговија со половни автомобили – информираат од МВР.

Во денешните претреси, полициските екипи пронашле документација за брз трансфер на поголеми суми пари на име на повеќе лица, испратени од Швајцарија во Македонија.

Од МВР додаваат дека едно од лицата кај кои денеска бил извршен претрес е брат на еден од приведените во Швајцарија. Тој, според сознанијата на швајцарската полиција, пред повеќе од 20 години бил фатен со 300 килограми хероин и за тоа бил осуден на затворска казна од 18 години, а по издржувањето на казната бил протеран, со забрана за влез во Швајцарија.

Според сомневањата на швајцарските органи на прогонот, Саити и Алигега на разни начини, преку вршење на кривичното дело перење пари, успеале да канализираат повеќе од 2,5 милиони швајцарски франци.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Учениците од основните и средните училишта низ државата од понеделник, 29 април па до 6 мај, ќе бидат на пролетен распуст. Покрај пролетниот распуст кој годинава за првпат се воведе...