fbpx

Кравињо: Не очекувам повторно да се покрене билатералното прашање со Бугарија

-

За време на својата прва официјална посета на Северна Македонија, португалскиот министер за надворешни работи Жоао Гомес Кравињо, истакна дека неговата земја ќе ја даде потребната политичка, техничка и друга поддршка во текот на преговарачкиот процес за пристапувањето во ЕУ и дека не очекува во преговорите повторно да се покрене билатералното прашање со Бугарија.

Кравињо денес оствари средби со шефот на македонската дипломарија, Бујар Османи, премиерот, Димитар Ковачевски и претседателот на државата, Стево Пендаровски.

На заедничката прес-конференција во Министерството за надворешни работи Краињо истакна дека верува оти партнерите од ЕУ ќе го исполнат дадениот збор и потпишаниот документ.

„Мислам дека е од суштинско значење во меѓународните односи и политика да веруваме на дадениот збор, на ставениот потпис, на преземената обврска. Билатералното прашање за кое интензивно разговараат Северна Македонија и Бугарија е заокружено, има заклучок и заокружувањето на тоа прашање беше одбележано со меѓувладина конференција на 19 јули. Не очекувам ова прашање повторно да се покрене, не гледам причина зошто би се покренало повторно истото прашање. Верувам кога нашите партнери ќе дадат збор, ќе потпишат документи, дека ќе го исполнат. Така функционираме внатре во ЕУ затоа што интензивно соработуваме меѓусебно и со земјите-кандидати за најразлични прашања, ако почнат блокади без оглед на тоа што е договорено ќе се парализира целото функционирање“, рече Кравињо.

На средбата со претседателот Пендаровски тие разменија мислења околу можностите за унапредување на билатералните односи на двете земји, во контекст на евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија, унапредување на првната рамка и зајакнување на економската соработка, а воедно беше изразено и очекување дека соработката во одбраната дополнително ќе се интензивира во рамки на НАТО.

Соговорниците се согласија дека отворањето на пристапните преговори на Северна Македонија и Албанија е од суштинско значење во актуелните геополитички и безбедносни околности и справување со влијанијата од руската агресија врз Украина.

Можностите за интензивирање и унапредување на економската билатерална и мултилатерална соработка, во контекст на постојната економска и енергетска криза со која се соочува светот беше тема која Кравињо ја разговараше со премерот Димитар Ковачевски.

По средбата со Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ соговорниците се огласија со заеднички став дека на 19 јули се случи историски исчекор во нашиот евроинтеграциски процес, со одржувањето на првата Меѓувладина седница и отпочнувањето на скрининг процесот, што е од големо значење и за ЕУ и за регионот.

„Во наредниот период остануваме посветени на одржување на позитивното портфолио – како што е потврдено во најновите извештаи на ЕК за земјите, но и во меѓународни рангирања како што се ГРЕКО, Фридом Хаус, Транспаренси Интернешнел и други“, рече Маричиќ, додавајќи дека нивото на транспонирање на правото на ЕУ сега изнесува 45%.

„ Нашите напори за обезбедување непречено одвивање на преговарачкиот процес во сите негови аспекти ќе ги насочиме преку ревизија на преговарачката структура, изнаоѓање модел за учество на граѓанското општество во процесот, дополнително ќе ги зголемиме нашите капацитети за преведување на правото на ЕУ на македонски јазик во наредниот период – вклучително и лингвистичка, стручна и правна ревизија и верификација на преведените акти на ЕУ, а предвидено е и создавање механизми за транспарентна и навремена комуникација со нашите граѓани“, истакна вицепремиерот Маричиќ

На состанокот Маричиќ и Кравињо разговараа за унапредување и продлабочување на билатералната соработка во пристапниот процес, споделување искуства и добри практики од страна на Португалија во процесот на водење преговори и беше потврдено дека Португалија останува силен поддржувач за полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ.

 

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Пратеници, градоначалници, фирми, граѓани – Кој колку пари донирал за кампањата на претседателските кандидати?

Некој по 500 денари, некој по 100.000 денари, а некој по 300.000 денари. Донации за кампањите за претседателските избори пристигнувале од пратеници, градоначалници, членови на партии или пак преку...