„Најсреќниот човек на светот“ ќе нè претставува на Венецијанскиот филмски фестивал

Фото: Агенција за филм / сцена од филмот

Со филмот „Најсреќниот човек на светот“ на режисерката Теона Стругар Митевска, земјава по 30 години ќе учествува во официјалната селекција на Венецијанскиот филмски фестивал.

„За мене е голема чест да се биде дел од најстариот и еден од највлијателните фестивали на светот, возбудата и радоста се големи. Соочувањето со публиката е клучниот елемент во нашето создавање“, вели Стругар Митевска за својот нов филм.

„Најсреќниот човек на светот“, според описот од Агенцијата за филм ја носи приказната за тешкотијата на помирувањето, кое е неопходно за да се може да се продолжи со животот во мир после војна.

„Сараево четири години беше под опсада и тероризиран со снајперски истрели со огромен број невини жртви. Овој филм говори за Асја, четириесет годишна жена која се пријавува на организиран настан за барање партнер. Таму се среќава со Зоран, нејзин врсник, кој е дојден да се запознае токму со Асја, но тој не е дојден таму во потрага по љубов“, пишува во описот.

Филмот е базиран на вистинска приказна на Елма Татарагиќ која е и автор на сценариото.

„Овој филм го гледам како симфонија на кореографирани движења кои ги размотуваат слоевите на емоции, полека обвивајќи го гледачот до точка на вртоглавица. Локацијата е клучна: хотел во стилот на осумдесеттите, сведок на архитектонскиот стил од бивша Југославија: бетонски брутализам или модернизам, а потоа тука е ранетиот град Сараево, сведоштво за отворените рани и болките од минатото. Тука се поставуваат прашањата, што нè одредува: нашата етничка, религиска или родова припадност? Што нè раздвојува или спојува?“, вели режисерката Митевска.

„Најсреќниот човек на светот“ е во копродукција на помеѓу Македонија (Сестри и брат Митевски), Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска. Развојот и продукцијата се поддржани од Агенцијата за филм, Creative Europe – MEDIA, Еуримаж, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот фонд од Сараево.

79. издание на фестивалот за филм во Венеција годинава започнува на 31 август и завршува на 10 септември.

Земјава на Венецијанскиот филмски фестивал во 1994 ја претставуваше режисерот Милчо Манчевски со филмот „Пред дождот“ што доживеа светски успех, а во 2001 со филмот „Прашина“ го отвори фестивалот.