fbpx

Коѕиас и Попоски се сретнаа во Турција

-

Анталија ги спои шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција. Никола Попоски и Никос Коѕиас денеска се сретнаа на маргините на редовниот министерски состанок на НАТО во Анталија, Турција.

Како што информираат од грчкото Министерство за надворешни работи, Коѕиас изразил сочувство во име на грчката влада до семејствата на жртвите во вооружените судири во Куманово.

Грчкиот министер изразил и голема загриженост за ситуацијата која е создадена во Македонија, повикувајќи во државата да преовлада воздржаност, разум и дијалог во овие моменти.

Двајцата министри, кои се среќаваат третпат годинава, разговарале за мерките за градење доверба, теми од билатерален интерес и за можноста за соработка на повеќе полиња.

Се разговарало детално за можноста за усвојување на мерките за градење доверба од двете страни, чекор кој грчката страна смета дека би можел да доведе до подобрување на билатералните врски меѓу Македонија и Грција.

На средбата во Анталија, Коѕиас го уверил Попоски во силната грчка поддршка за продолжување на преговорите кои се одвиваат во рамки на Обединетите нации околу спорот за името. Сепак, грчката страна не планира да отстапи од нејзините барања и позиции во преговорите околу конечниот договор за името и нашиот напредок кон ЕУ и кон НАТО.

„Коѕиас ги повтори строгите грчки црвени линии во врска со европската и со евроатлантската перспектива на БЈРМ“, се вели во соопштението од грчка страна за денешниот состанок со Попоски.

За потсетување, двете министерства имаат разменето списоци со предлози и идеи за мерки за градење доверба и веќе детално ги имаат разгледано идеите. Коѕиас пред извесно време дури и посочи дека одредени идеи се совпаѓаат и тоа би било добра основа за почеток на разговорите и за усвојување на мерките.

Според неофицијални информации, се работи, пред сè, за технички мерки кои би ја олесниле соработката на различни нивоа, како усвојување правна рамка и потпишување на договорот за двојно оданочување, отворање нов граничен премин, договор за воспоставување железничка линија кон Битола и интензивирана културна и образовна соработка.

М.П.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...