Ковачевски-Жоли: Силна поддршка од Канада за евроинтеграцискиот процес

На средбата, македонскиот премиер го потенцирал и значењето на бројната македонска заедница во Канада, која е значаен дел од богатиот канадски мозаик на култури и народи, и која давала и ќе продолжи да дава значаен придонес во градењето и зајакнувањето на Канада

-

Во рамките на првата посета на канадски министер за надворешни работи на земјава, Мелани Жоли се сретнала со премиерот Димитар Ковачевски и со министерката за одбрана, Славјанка Петровска, соопшти владината служба.

На средбата, премиерот Ковачевски се заблагодарил за континуираната цврста поддршка од Канада за реформските процеси, со цел да се обезбеди напредок на нашата држава на планот на евроинтеграциите. Ковачевски нагласил дека Северна Македонија ќе презема конкретни чекори кон обезбедувањето на членството во ЕУ.

Стабилна основа за натамошно севкупно унапредување на соработката помеѓу двете држави дава потпишувањето на Декларацијата за соработка и стратешко партнерство од 2018 година, се вели во владиното соопштение.

Премиерот Ковачевски изразил благодарност за силната поддршка на Канада на нашето членство во НАТО.

„Длабоко го цениме партнерството со Канада како НАТО сојузници и ќе продолжиме да се однесуваме одговорно“, оценил премиерот Ковачевски.

Министерката за надворешни работи на Канада, Мелани Жоли искажала силна поддршка земјава да продолжи по евроинтеграцискиот пат, за што, постои недвосмислена поддршка и интерес од страна на Канада за што побрзо членство на Северна Македонија во Европската Унија.

„При тоа, министерката Жоли нагласи дека денес, повеќе од било кога, западниот свет треба да биде обединет, а Северна Македонија, како негов интегрален дел тоа го покажува споделувајќи ги истите вредности и заложби“, соопштува владата.

На средбата, македонскиот премиер го потенцирал и значењето на бројната македонска заедница во Канада, која е значаен дел од богатиот канадски мозаик на култури и народи, и која давала и ќе продолжи да дава значаен придонес во градењето и зајакнувањето на Канада.

Посебен фокус на средбата било зајакнувањето на економските врски меѓу Канада и Северна Македонија, за што заеднички било оценето дека постојат огромни можности за инвестиции во нашата држава во различни сфери, информираат од владата.

Притвор за тетовецот кој уценувал малолетничка и објавувал нејзини фотографии со вулгарна содржина

Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против 29-годишник од селото Церово кој е осомничен дека спрема малолетничка родена 2007 година сторил кривично дело – злоупотреба на лични податоци и...