fbpx

Ковачевски на Денот на македонскиот јазик: Иднината на нашиот јазик е иднината на нашата татковина

-

„Јазикот е нашата татковина“ – со овој цитат од Блаже Конески, денеска, по повод 5 Мај, Денот на македонскиот јазик, премиерот Димитар Ковачевски им се обрати на присутните на свечениот настан во Клубот на пратениците.

На церемонијата присуствуваа и министри, претставници на дипломатскиот кор, професори и други видни личности од јавниот и од политичкиот живот во земјава, a премиерот Димитар Ковачевски рече дека со оваа порака основоположникот на современиот македонски јазик, Блаже Конески, ни остави завет за негово чување, негување и унапредување, како еден од столбовите на нашиот идентитет.

„Прогласувањето на 5 мај за Ден на македонскиот јазик, во чест на денот кога во 1945 година Народната влада на Народна Република Македонија ја усвоила азбуката на македонскиот јазик и кириличното писмо како официјална азбука и писмо, беше една од обврските за исполнување на овој завет, што ги презеде Владата од 2017 година наваму“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека денес, македонскиот јазик со својата посебност е признат во целиот свет. Впишан во личната карта на нашата држава во големото семејство на народи и на земјите членки на Обединетите нации.

Ковачевски потенцираше дека владата ќе продолжи да ја поддржува издавачката дејност на Институтот за македонски јазик како придонес за збогатувањето и унапредувањето на македонскиот јазик.

„Македонскиот јазик е јазикот на Блаже Конески, Гане Тодоровски, Даница Ручигај, на Анте Поповски, Славко Јаневски, Матеја Матевски, Ката Мисиркова Руменова, на Петре М. Андреевски, Видое Подгорец, Оливера Николова, Оливера Ќорвезировска, Румена Бужаровска, Лидија Димковска и на плејада други претходни и сегашни литерати кои низ годините наназад оставија илјадници книги напишани од нивното македонско перо“, наброја премиерот.

„Иднината на нашиот јазик е иднината на нашата татковина… Да го чуваме и унапредуваме, и достојно да им го предаваме на сите генерациите после нас“, додаде тој.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, честитајќи го Денот на македонскиот јазик, истакна дека денешниот настан се реализира во чест на основоположниците на словенската писменост и литература, во чест на сите што создадоа, собираа и оставија и во чест на денешните автори кои го негуваат нашиот јазик.

„На овој мал простор, во некои краеви, со мештаните едвај би се разбрале од прва. Затоа ни беше неопходен Блаже Конески, ова наше јазично богатство, како база, да го кодифицира, да го преточи во современ, литературен македонски јазик. Шармот на нашите дијалекти кои ги зачувуваме од заборавот користејќи ја добрата страна на дигитализацијата, пред сè, на картотеките во Институтот за македонски јазик, е потврда дека нас, Македонците, нè има насекаде. И ќе нѐ има сè додека говориме и им говориме на нашите поколенија на македонски“, порача министерката за култура.

Во тој контекст, таа го најави и Конкурсот „Цртаj на македонски јазик“, кој веќе е објавен на веб-страницата на Министерството за култура. Целта на Конкурсот е стимулирање на секојдневната употреба на современиот македонски јазик и преку изразот кој им прилега особено на младите – графитите како ѕидни писанија.

Директорката на Институтот за македонски јазик „Блаже Конески“ потсети дека во годината на Конески, започна целосната дигитализација на картотеките во Институтот.

„Во годината на Конески започна целосната дигитализација на картотеките во Институтот за македонски јазик. На иницијатива од Министерството за култура, со финансиска поддршка од Владата, реализацијата на проектот ја водат Фондот за иновации и технолошки развој и компанијата Инбокс. Досега се дигитализирани картотеките на црковнословенскиот јазик, на лексикологија и на современ македонски јазик“, рече директорката Јованова-Грујовска.

Од името на Советот за македонски јазик, пред присутните се обрати професор Људмил Спасов, кој порача дека на овој начин се одбележа денот кога му ја оддаваме честа на нашиот јазик, но и на македонската култура воопшто, почитувајќи го македонскиот јазик како наше културно наследство, но и како наша иднина.

„Оваа година се наоѓаме во фаза на афирмирање на новата Стратегија за македонскиот јазик, дека треба да го доразвиеме јазичното планирање, со преземање дејства за операционализирање на статусот на современиот стандарден јазик“, рече професорот Спасов. Тој во своето обраќање го најави и скорешното започнување на настава по македонски јазик на Универзитетот во Корча, Република Албанија.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири, пак, истакна дека македонскиот народ преку силата на зборот го одржувал жив јазикот на нивните предци за да го предадат во аманет на нивните наследници.

„Натамошното негување, заштита, унапредување и афирмација на македонскиот јазик може да се издига само врз цврсти темели, што ги поставува образованието. Оттука е и важноста на континуираното вложување во подобрувањето и развојот на образованието, што за оваа Влада и за Министерството за образование е приоритет“, рече министерот Шаќири.

На денешен ден, во 1945 година, со Решение на Народната влада на Федерална Македонија, била усвоена азбуката на македонскиот јазик, а по два месеца, тогашното Министерство за просвета го озакони првиот Правопис на македонскиот јазик. По седумдесет и четири години, со Одлука на Владата на Република Северна Македонија, 5 мај е прогласен за Ден на македонскиот јазик и на македонската азбука.

И Саемот на книгата вечерва го одбележува Денот на македонскиот јазик, Со почеток во 19 часот во Промотивниот центар во Арена „Борис Трајковски“, во Скопје, ќе се одржи настанот „Македонски книжевни класици – Подарок за поколенијата!“.

На промотивниот настан ќе се даде осврт на најзначајните творци на македонската книжевност: Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Оливера Николова, Ѓорѓи Абаџиев, Димитар Солев…

Саемот на книга трае до 9 мај, со работно време од 10 до 20 часот.

Истовремено, денеска се одбележуваат 60 години од отпочнувањето на изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана. Во академската 1961/1962 година, во Љубљана беше отворен првиот лекторат по македонски јазик во светот, за набрзо потоа да прерасне во Катедра за македонски јазик и книжевност, којашто и денес успешно функционира во рамките на Одделот за славистика.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...