Извозот на првите 450 тони чист линдан, ископан од малата депонија во ОХИС ќе биде одложен до следната недела. Иако испораката беше најавена за 3 мај, од Министерството за животна средина велат дека ќе задоцни заради наводна гужва на Солунското пристаниште. Од пристаништето во Солун, со брод, бурињата со опасниот пестицид ќе треба да отпатуваат до Франција каде треба да бидат уништени.
„Одложувањето на првиот извоз не менува ништо во динамиката на чистењето на малата депонија“, велат за Мета од Министерството за животна средина. Оттаму додаваат дека оваа прва испорака е планирана за првенствено за да се направи дополнителен простор за складирање на новите количини ископан линдан. Посочуваат дека линданот што е веќе спакуван во специјализираните буриња е безбеден и нема никаков проблем да постои уште некој ден.
„Одложувањето е само неколку денови и на некој начин и можеше да се претпостави, со оглед на тоа дека метеж во испораките деновиве е регистриран не само во Солун, туку и на повеќе други фрекфентни пристаништа низ Европа и светот. Сите дозволи за безбеден транспорт се обезбедени, а динамиката на извозот нема да се наруши“, велат од Министерството.
Во првата тура ќе биде извезен само линдан, додека пак, контаминираната земја со која беше покриена малата депонија ќе се испорача во некоја од следните тури. За разлика од линданот, кој ќе биде уништен во Франција, земјата натоварена во контејнери ќе замине во Холандија, каде ќе помине низ процес на прочистување.
„Земјата која е контаминирана со линдан, откако ќе биде третирана е сосема безбедна за употреба. Таа нема да се врати овде, ќе остане во Холандија и веројатно ќе биде употребена во некои градежни зафати, на пример при изградба на патишта“, велат од Министерството.
Според најновите претпоставки, откако започна чистењето на историското жариште, во малата депонија во ОХИС има меѓу 2.500 и 3.000 тони опасен пестицид и околу 3.000 тони земја, иако првичните проценки беа дека има околу 1.600 тони висококонцентриран ХЦХ отпад и околу 4.000 тони земја, како и околу 1.000 тони бетон.
Работите на терен започна на средината на минатиот месец, откако, претходно речиси една година се поставуваше заштитниот шатор, се обезбедуваше потребната механизација и се вршеа обуки за работниците кои ќе го спроведуваат чистењето. Се очекува малата депонија да биде исчистена за една година, а од Министерството најавуваат дека, доколку работите се одвиваат со оваа динамика, можеби и до крајот на годината.
Опасниот пестицид во ОХИС е несоодветно складиран во најмалку две депонии во кругот на фабриката и една во месноста Пеленица кај Драчево. Погонот за линдан во фабриката работел од 1964 до 1977 година, кога било прекинато од еколошки причини. Во тој период биле произведени околу 2.800 тони линдан, што резултирало со околу 25.000 тони неактивни изомери, кои несоодветно биле расфрлани и кои до денес се опасност за контаминација на воздухот, водите и почвата.
Првите количини опасен линдан од ОХИС ќе се извезат во мај [фото]