fbpx

Контраспин: Окови, линч и тоталитаризам има само во перцепцијата на епископот Јаков Стобиски

Колку и да прозвучува неверојатно едно црковно лице пред верниците да говори невистини и да подбуцнува, сепак епископот Јаков Стобиски го прави токму тоа - употребува тешки квалификации, провоцира и ја подгрева атмосферата пред денешниот протест

-

Колку и да прозвучува неверојатно едно црковно лице пред верниците да говори невистини и да подбуцнува, сепак епископот Јаков Стобиски го прави токму тоа – употребува тешки квалификации, провоцира и ја подгрева атмосферата пред утрешниот протест. Иако епископот сака да претстави дека е загрижен оти невладините ќе го оковале нашето општество во тоталитаризам, простор за таква загриженост нема. Тоа едноставно не е можно, граѓанските организации немаат на располагање такви инструменти. Така што, перцепцијата на епископот е погрешна, се рабира, доколку говориме за едно здраво, праведно и правично општество, во кое има место и љубов за сите. Па, дури и ако се работи за љубовта и милоста од Бога!, пишува Вистиномер. 

 

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Eпископот Јаков Стобиски на прес-конференција по повод протестот против законите за родова еднаквост и матична евиденција, што го организира Македонската православна црква – Охридска Архиепископија на 29 јуни пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, го искажа и следниов спин:

Спин: Невладините организации се платенИ под плаштот на борба за човекови права за да го оковаат во своевиден тоталитаризам нашето општество

[ИзвориМета – датум: 27.07.2023]

Контраспин:  Ставот на епископот Јаков Стобиски дека невладините организации сакале да го оковаат општеството во тоталитаризам, е спинерски. Овој негов исказ, заедно со пораката дека „црквата била мета на прогон и линч“, делува несмасно и збунувачки.

Нејасно е како граѓанските организации  би го преуредиле целиот општествен, политички и економски поредок во еден тоталитарен систем – режим и со кои механизми би го направиле тоа? Исто така, не е јасно кога и од кого Македонската православна црква била прогонувана и кој ѝ упатувал повици за линч? Просто несфатливо е зошто епископот употребува вакви тешки квалификации и ја подгрева атмосферата пред најавениот протест? Иако, самиот се оградува од злоупотреба на собирот за други цели, од говор на омраза и од скандирање, сепак неговиот настап во најмала рака е провокаторски.

Нашиот Устав овозможува слобода на вероисповест, како и слободно манифестирање на верата, но прави јасна дистинкција на верските заедници од државата. Република Северна Македонија е секуларна држава и тоа е дефинирано уште со Уставот од 1991 година.

Во таа смисла во Член 19 се вели:

Се гарантира слободата на вероисповеста. Се гарантира слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата. Македонската православна црква, другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред законот. Македонската православна црква, другите верски заедници и религиозни групи се слободни во основањето на верски училишта и на социјални и добротворни установи во постапка предвидена со закон.

Света ли е вистината за црковните лица?

Епископот Јаков Стобиски излезе во јавноста со тврдење дека законот за матична евиденција е во собраниска процедура, а законот за родова еднаквост е на чекор до тоа, сепак ова не е вистина. Па колку и да прозвучува неверојатно едно црковно лице пред верниците да говори невистини, сепак тврдењето на епископот за двата закона е неточно.

И двата предлога воопшто не се во Собрание, вели за Радио Слободна Европа министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.

Таа додава:

Предлог-законот за матична евиденција Владата го повлече уште лани во март, за да има поширока дебата и да се исполнат очекувањата на целото општество, а вториот, предлог-законот за родова еднаквост не стигнал до собраниска процедура оти е во фаза на консултација и досега се одржани 18 јавни трибини.

 

Љубов од Бога, ама не за сите

Настапите на епископот Јаков Стобиски предизвикаа остри реакции во јавноста. Веднаш реагираше Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, таа утврдила дека епископот извршил дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Според Комисијата, тој во јавните настапи искажал понижувачки, навредливи и деградирачки ставови кон трансродовите лица, кои ја охрабруваат дискриминацијата и омразата кон ЛГБТИ луѓето. Комисијата му наложи на епископот да се извини јавно, а доколку тој не го стори тоа, ќе поднесе барање за покренување прекршочна постапка пред надлежен суд.

Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација, исто така, остро го осудија повикот за протест на Македонската православна црква и ги повикаа граѓаните да не наседнуваат на манипулативните обиди на МПЦ и на некои други „навидум загрижени групи и здруженија“ кои неосновано тврдат дека законските решенија се закана за овдешната традиција и вера.

Па, иако епископот Јаков Стобиски ја спинува вистината и сака да претстави дека е загрижен оти невладините ќе го оковале нашето општество во тоталитаризам, сосема е јасно дека нема простор за таква загриженост. Тоа едноставно не е можно, граѓанските организации немаат на располагање такви инструменти. Така што, перцепцијата на епископот е погрешна, се рабира доколку говориме за едно здраво, праведно и правично општество, во кое има место и љубов за сите. Па, дури и ако се работи за љубовта и милоста од Бога!

 

Пишува: Оливера Војновска

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.