fbpx

Контраспин: Ако Арсовска се однесува „како четиригодишно дете“, кабаетот, сепак, е кај ВМРО-ДПМНЕ

-

Проблемите кои сега се на површина меѓу градоначалничката Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ очигледно се многу подлабоки, а на самата партија одамна ѝ се познати. Тие требало да се воочат и да се надминат уште пред локалните избори, кога ѝ понудиле, а Арсовска прифатила (или обратно), партијата да не истакнува свој кандидат на локалните избори, туку да ја поддржат нејзе. Во најмала рака, несогласувањата требало да се разрешат кога заедно почнале да управуваат со Град Скопје, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Трајко Славески, Претседател на Совет на Град Скопје и висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ во интервју околу проблемите меѓу градоначалничката Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, изнесе тврдења во кои може да се препознае спин:

Спин:Значи, беше јасно, потребен ѝ е одмор. Мене ми изгледа како госпоѓата Арсовска на моменти делува како четиригодишно дете кое што има чеканче во рака и се што е околу него, секој предмет го гледа како клинец, како шајка и само удира, удира, удира. Тоа удирање треба да запре. Тие удари јас сум ги почувствувал преку мои соработници во Советот на Град Скопје уште во јануари, февруари, не сега, но тоа е сосема друга приказна и мислам успеав да го изменаџирам, работите да тргнат на подобро за да можеме сите да функционираме. А сето ова пренагло и поставување и разрешување на своите најблиски соработници, односно директорите на јавните претпријатија кои што треба да ја поддржуваат сликата на едно поубаво и помодерно Скопје не личи на постапки на искусен менаџер, нели ние како што посакавме и верувавме дека е госпоѓата Арсовска…

[ Извор: ТВ Сител – Т.Славески/интервју (од 10.40 мин.)  – Датум: 13.09.2022]

 

Контраспин: Целата изјава на Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, што ја анализираме и што е кажана во разговор за вестите на ТВ  Сител е спин, т.е. извртување на вистината.

Зборувајќи за актуелните состојби кои настанаа со оставки/разрешувања на директорите на ЈП Водовод и ЈП Депонија Дрисла, Славески се обидува да ѝ ги претстави на јавноста на начин дека Арсовска „избрзува“, дека „ѝ е потребен одмор“ и дека тоа не личело на постапки на искусен менаџер, „нели, ние (ВМРО-ДПМНЕ) како што посакавме и верувавме дека е госпоѓата Арсовска“.

Но, тој во текот на интервјуто, пред да ги искаже овие зборови, рече дека уште првите месеци го известил Извршниот комитет на партијата дека нема комуникација со Арсовска, освен службена (околу 3.30 мин.), а подоцна ѝ појасни на јавноста дека проблемите со Арсовска ги почувствувал уште во јануари, февруари, односно само два – три месеца од нејзиниот избор.

Тие удари јас сум ги почувствувал преку мои соработници во Советот на Град Скопје уште во јануари, февруари, не сега, но тоа е сосема друга приказна и мислам успеав да го изменаџирам, работите да тргнат на подобро за да можеме сите да функционираме – вели Славески.

Ваквото тврдење, заедно со тврдењето во разговорот дека со нејзе само три пати се сретнал во нејзиниот кабинет за прашања од интерес на работата на Советот, покажуваат дека воопшто не може да стане збор за „избрзано“ делување на Арсовска, туку дека „нејзиниот карактер“ за кој Славески не сака да зборува, им бил познат и на Славески и на партијата од почетокот на функционирањето на новата власт во Скопје.

Сето ова, како и сегашната изјава на Арсовска дека одамна нема контакти со Христијан Мицкоски, а од друга страна изнесување партиски став дека Арсовска не покажала резултати, туку се бори за лична власт, а ВМРО се борел за принципи,  укажува дека проблемот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Арсовска траел и се „дуел“ одамна. Бидејќи од сите изјави во јавноста не може да се извади заклучок за нешто поинаку, тогаш две работи може да се констатираат како факт.

Прво, раководството на ВМРО-ДПМНЕ без претходна подлабока анализа, во која би влегла и проценка на „карактерот на Арсовска“ или на Арсовска како погодна личност за градоначалник, ја поддржале целосно како „независен“ кандидат на локалните избори во 2021 година, учествувајќи максимално и во изработката на нејзината програма и презентациите до јавноста ( „лавовскиот дел“ како што тврди Славески во интервјуто после 8.35 мин.). Што е неодговорно од најголемата опозициска партија која се наметнува како одговорна алтернатива на сега владејачката и одговорен субјект што освои мнозинство во Град Скопје. Не само што е неодговорно, туку остава впечаток на голема предизборна измама при освојување на довербата на јавноста.

Второ, ако проблемите биле навестени од јануари, февруари годинава како што тврди Славески според личното искуство со Арсовска, тогаш највисокото партиско раководство, па и самиот Славески се виновни што ја замајувале јавноста околу исполнувањата на ветеното во програмата и на Арсовска и на ВМРО-ДПМНЕ за Град Скопје, како и за функционирањето на сите одговорни служби во Градот. Зашто ако имаш проблем со градската администрација и со градоначалникот лично, за кое и со каков квалитет на исполнување на проекти од интерес на градот може да стане збор?

Советот можеби ефикасно одржал 16 седници досега, како што вели Славески, но дали довчерашните директори на јавните претпријатија успешно или полууспешно си ја извршувале својата работа, дали има индиции за злоупотреби при огромна јавна набавка со европски пари за изградба на капитален проект за пречистителна станица на излезот на Вардар од Скопје од 130 милиони евра, како се трошени јавни пари во другите јавни претпријатија.., тоа јавноста не може сама да го процени во оваа лавина информации и дезинформации што ги пласираат двете страни. За тоа се надлежни советниците, кои се првата линија на надзор на градската администрација, но и органите што имаат надлежност за законито работење, од инспекциските служби, до обвинителството преку евентуално активирање на истраги за сите овие прашања.

Оттука, а имајќи ја предвид и контрадикторноста на тврдењето на Славески дека, наводно, не му се познати состојбите во администрацијата (1.50 мин. од интервјуто), неговото тврдење на ниво на впечаток дека Арсовска се однесува како четиригодишно дете, дека ѝ е потребен одмор, дека е неодговорен менаџер, наспроти тоа што во ВМРО-ДПМНЕ мислеле и посакувале, итн, се спин или извртување на вистината.

Проблемите, кои сега се на површина, очигледно се многу подлабоки и на самата партија одамна ѝ се познати.Тие требало да се воочат и да се надминат уште пред локалните избори, кога ѝ понудиле, а Арсовска прифатила (или обратно), партијата да не истакнува свој кандидат на локалните избори, туку да ја поддржат нејзе. Во најмала рака несогласувањата требало да се разрешат кога заедно почнале да управуваат со Град Скопје. Додуша, Славески, по негово признание не носи вина за ова, зашто тој сега се оградува, тврдејќи дека  и тогаш бил против таквата идеја и му ја кажал лично на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Пишува: Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со автоматска пушка влегол во казино во Лешок и украл над 300.000 денари

Наредба за истражна постапка против 28-годишен жител на селото Непроштено, Општина Теарце, кој е осомничен за разбојништво и поседување автоматска пушка, донесе Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово. Во...