Компјутерџии и медицинари се дел од првата генерација стипендисти на Министерството за одбрана

Јас на пример добив стипендија за студирање во Германија и ја одбив и сега сум многу горда на себе. Сакам да си останам во својата држава, рече стипендистката Дијана Кока Џемаили

Фото: Министерство за одбрана

Министерката за одбрана Славјанка Петровска и студентите кои беа примени на Конкурсот за стипендирање на студенти за потребите на Армијата дефинирани како критични специјалности денеска во Министерството за одбрана потпишаа договори за стипендирање.

„Веруваме во младите луѓе кои се мотивирани и можат да бидат додадена вредност за одбраната и за Армијата. Ги мотивираме и им отвараме нови можности за личен и професионален развој. Денеска потпишавме вкупно седум договори за стипендирање и тоа со двајца студенти кои се едуцираат во областа на географско – информациони системи, тројца на медицина и по еден на компјутерска технологија и на енергетика и екологија “, рече Петровска.

Стипендирањето е во висина на процент од просечната плата во државата и изнесува од 30 проценти за студенти од прва година до 80 проценти за студентите од шеста година на студии. По завршувањето на студиите овие лица ќе бидат вработени во Армијата и ќе бидат дел од одбранбениот систем.

„Министерството системски го решава предизвикот со пополнување со лица од критични специјалности. Основ за објавата на овој оглас ни беше Законот за служба во Армијата, но исто така и со донесување на Законот за вработените во Министерството за одбрана, кој веќе е во собраниска процедура ќе се овозможи стипендирање и вработување на лица за извршување на критични специјалности и во Министерството“, рече министерката.

Фото: Министерство за одбрана

Студентите се заблагодарија за добиената можност и поддршка во нивното образование. Дијана Кока Џемаили, студентка на медицина, истакна дека оваа поддршка во студирањето, е од голема помош за да ги исполнат своите лични животни цели.

„Од мала возраст воената служба и медицината беа мој сон и секако дека секоја силна држава треба да вложува во здравството, што е моја област, и одбраната во државата. Отсекогаш сакав да останам во својата земја и се надевам дека следниот конкурс повеќе студенти ќе се одлучат да аплицираат и ќе бидат истрајни во остварувањето на својата цел во својата држава. Јас на пример добив стипендија за студирање во Германија и ја одбив и сега сум многу горда на себе и сакам да си останам во својата држава“, рече Дијана.

Јован Иванов, студент на комјутерска техника и информатика рече дека му претставува чест да е дел од оваа институција и верува дека и понатаму ќе може да придонесува за државата и армијата, во напредување на сајбер безбедноста и другите области од информатичките технологии.

Димитар Тануровски, студент на медицина упати апел до своите колеги: „Би сакал да ги охрабрам и колегите на следниот конкурс да аплицираат, ова претставува прекрасна можност, се разбира, на секој треба да му биде чест да може да и служи на нашата татковина“.

Конкурсот за стипендирање на студенти за потребите на Армијата на Република Северна Македонија беше објавен на почетокот на месец ноември. На конкурсот се пријавија 11 студенти, a по извршенаta селекција и физичките и лекарски прегледи, избрани беа седум студенти кои студираат на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ и Универзитетот Американ Колеџ.

Следниот Конкурс за стипендирање на студенти ќе биде објавен по завршување на изборите кои ќе се одржат во мај годинава.