Компанија за електронски цигари ќе плати 440 милиони долари поради создавање зависност кај тинејџери

фото: lindsayfox на Pixabay

Американскиот производител на електронски цигари „Џул Лабс“ (Juul Labs) ќе плати речиси 440 милиони американски долари како спогодба по двегодишната истрага спроведена во 33 држави во САД за маркетингот на компанијата околу производите за испарување со висока содржина на никотин, поради што компанијата беше обвинета за предизвикување на пораст на пушењето електронски цигари меѓу тинејџерите, пишува „Гардијан“.

Дополнително, „Џул“ се соочува со стотици лични тужби поднесени во име на тинејџери кои велат дека станале зависни од производите за испарување (вејпинг) на компанијата.

Истрагата во САД открила дека оваа компанија ги продавала своите електронски цигари на малолетни лица преку организирање забави, подароци и реклами на социјалните мрежи, користејќи младешки модели на објави.

„Не можам да тврдам дека ова ќе ја спречи младината да користи производи на испарување. Тоа продолжува да биде епидемија и огромен проблем. Но, ние во суштина ги ограничивме оние што некогаш беа лидери на пазарот, и според однесувањето, големи престапници“, изјави Вилијам Тонг, јавен обвинител во Конектикат, САД.

Вкупно 438,5 милиони долари ќе бидат исплатени од страна на компанијата во период од шест до десет години. Дел од овие средства државите ќе ги наменат за спречување на користењето на вејпинг-производите и едукација на тинејџерите. Овој износ претставува околу 25 отсто од продажбата на „Џул“ во САД минатата година.

Употребата на е-цигарите кај тинејџерите во САД се зголемила по лансирањето на „Џул“ во 2015 година, што доведе до тоа американската Администрација за храна и лекови да прогласи „епидемија“ на малолетничко вејпање. Здравствените експерти рекоа дека со невиденото зголемување на користењето е-цигари се ризикува да се навлече една цела генерација млади луѓе на никотин.

Од 2019 година, компанијата „Џул“ почнала да се повлекува, отфрлајќи ги рекламите во САД и повлекувајќи ги овошните вкусови од полиците во продавниците.

Новата спогодба со компанијата предвидува ограничување за тоа каде можат да се поставуваат производите во продавниците, начинот на проверка на возраста на купувачите, како и ограничувата за онлајн и малопродажба.