Компаниите немаат доверба во институциите поради што многу малку од нив се подготвени да аплицираат на јавни тендери, изјави денеска министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу. Тој информира дека од внатрешната ревизија што ја спроведе Министерството за информатичко општество и администрација за периодот 2021 – 2023 година се гледа дека компаниите се многу малку заинтересиорани да аплицираат на јавни тендери, што значи дека довербата на приватниот сектор кон државните институции е намалена. На 14 од вкупно 18 анализирани тендерски постапки од јануари 2021 до јуни 2023, пријавена била само една компанија.
„На средба со компаниите тие посочија дека една од причините за ова е што тендерската документација или не е јасна или е толку јасна што се гледа дека е направена за дел од приватниот сектор. Не сакам да верувам во тоа, зашто нашите колеги од МИОА се експерти и убеден сум дека може да имаме повеќе заинтересирани компании кои би аплицирале. Една од мерките за да го подобриме целиот овој процес ќе биде анализа на пазарот на трудот и во таа фаза ќе бидеме транспарентни, ќе имаме состаноци и јас лично ќе свикам прес-конференција. Од податоците на ревизијата имаме јасна цел како треба да се подобрат внатрешните процеси, но и нашата комуникација со приватниот сектор“, рече Алиу.