fbpx

Комисијата за заразни болести бара да се забранат свадби, прослави и настани на затворено во Тетово и регионот

-

Министерот за здравство Венко Филипче и Комисијата за заразни болести бараат воведување на рестриктивни мерки во Тетово и регионот поради алармантниот пораст на бројот на активни случаи на ковид-19.

На утринската координација денеска се разговараше за епидемиолошката состојба во Тетово и се договорија до Главниот координативен кризен штаб на Владата да предложат нови мерки за овој регион, како би се спречило рапидното ширење на вирусот ковид-19. Заклучно со вчерашниот ден, токму Тетово има најголем број на активни случаи – 379, а бројките и во околните градови Скопје и Гостивар почнуваат да растат во изминативе денови.

„Состојбата во Тетово е крајно сериозна и новиот бран е веќе пристигнат, а тоа беше за очекување бидејќи состојбата е слична секаде во регионот. Летните одмори донесоа голема фреквенција на движење и тоа беше очекувано, оттука мора да се вратат одредени мерки на сила за да се спречи поголемо ширење на вирусот. Анализите кои беа изработени изминативе денови од страна на ИЈЗ укажуваат дека, вирусот пред сè се шири кај невакцинираните, над 90 проценти од новите случаи се невакцинирани граѓани. Од друга страна опфатот со вакцинација е под 20 проценти во Тетово. Како кластери каде најбрзо се шири вирусот се свадби и прослави на затворено кои ги има многу во овој регион, а според информациите на локално ниво воопшто не се почитуваат мерките за превенција, пред сè носење маски на затворено“, се вели во образложението на Министерството за здравство за побараните рестриктивни мерки.

Министерот Филипче и членовите на Комисијата ги предложуваат следните мерки и рестрикции: забрана за одржување на сите масовни настани на затворено, свадби и прослави. Ова е клучно да се почитува во следниот период, а граѓаните мора да разберат дека оваа мерка е нужна.

Исто така, се предлага рестриктивната мерка – исполнетоста на затворениот дел од угостителските објекти не смее да надминува 30 проценти, а на масите не смеат да седат повеќе од 4 лица.

Како дополнителни рестриктивни мерки, се предлагаат засилени контроли за спроведување на овие мерки, но и мерките за лична заштита, и тоа првенствето носењето маски на лицето во затворено. Воедно, се предлага засилување на теренската вакцинација и комуникацијата на локално ниво, со цел зголемување на опфатот, бидејќи е јасно дека само со вакцинација може да се спречи ширење и ризици од тешко заболување кај пациентите.

Од анализата на Институтот за јавно здравје за изминатиов период само 11 пациенти досега се воопшто хоспитализирани кои биле целосно вакцинирани, додека само 167 воопшто се инфицирале од преку 400.000 вакцинирани граѓани против ковид-19.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...