fbpx

Кој сака да биде директор на школо, ќе мора да стекне ИТ вештини и да полага испит

Во законот е наведено дека ако кандидатот има уверение, а не стане директор 5 години откако ја добил, тој треба одново да посетува обука за да добие уверение

-

Кандидатите кои сакаат да се стекнат со уверение за директор на основно или на  средно школо на 9, 10 и на 11 ноември ќе полагаат испит. Основни ИТ вештини се задолжителен дел од испитот, а има и други модули кои треба кандидатите да ги знаат за да положат. Пред 2017 година, уверение за директор кандидатите добивале само ако презентираат труд, но откако е усвоен посебен закон за оваа намена, од 2017 година секој од нив мора да полага испит кој се состои од неколку делови.

Процесот го организира Државниот испитен центар (ДИЦ), а пред полагањето, за да може да оствари право на полагање, секој кандидат треба да има поминато обука. Испитот е составен од три дела кои се полагаат во различни денови и термини.

Досега, откако постои Законот за обука и испит за директор на основно училиште, средно училиште, ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење, усвоен во 2017 година, уверенија за директори добиле 611 лица во државата. Овој податок е наведен во Регистарот на директори, кој е објавен на веб-страницата на ДИЦ.

„Нема простор за фрлање сенка на целиот процес за полагање стручен испит за директори, бидејќи процедурата се одвива согласно законските одредби. Секој кандидат си има свое досие. По полагањето секој од нив веднаш добива одговор дали положил или не. Испитот се полага во простоиите на ДИЦ. Овде има блокатори, има видео стриминг од полагањето кој оди на веб-страницата на ДИЦ. Сè што е потребно е преземено за да се спречат било какви злоупотреби и малверзации“, информира директорката на Државниот испитен центар, Билјана Михајловска.

Првиот дел од испитот се состои од теориски и практичен дел кој треба да ги покаже знаењата и ИТ вештините за основни канцелариски програми и дополнително, ЕМИС системот како и електронскиот дневник.

„Има практични задачи од типот, да направат задача во Ексел, во Ворд, Пауер поинт. Се бараат основни ИТ вештини, но дополнети со софтверот кој се користи во образованието“, вели Михајловска.

Испитот содржи и прашања од други области. Има и теми кои кандидатите ги добиваат по случаен избор, односно пишуваат истражување на темата поврзано со нивната работа и потоа полагаат пред петчлена комисија. Ако положат, добиваат лиценца за директор.

Напредни обуки за актуелните директори 

Секој актуелен директор на училиште со положен испит за директор, е должен да посетува напредна обука од најмалку 4 семинарски денови (по 8 часа), со вкупно времетраење од 32 часа во текот на годината. Вкупниот број на обуки за секој директор треба да се реализираат во текот на учебната 2023/24 година. Ова е наведено во огласот што неодамна го објави ДИЦ, а се однесува на актуелните директори.

Директорите треба да изберат четири од овие обуки: „Финансиско раководење“, „Административно и архивско работење“, „Инклузивноста – предизвик во училиштата, позитивни практики“, „Мобинг, психосоцијални аспекти и законска заштита“,
„Воведување на наставен и стручен кадар (приправници) во воспитно образовен процес во основните и средните училишта“, потоа, „Борба против корупцијата и судирот на интереси во образовниот систем“, „Дигитална писменост со примена на информатички и компјутерски технологии во наставата и училиштето“, како и „Стекнување вештини за контрола на квалитетот на оценувањето на знаењето на учениците во училиштата“.

Уверението за директор не е трајно. Во законот е наведено дека ако кандидатот има уверение, а не стане директор 5 години откако го добил, тој треба одново да посетува обука за да добие нова дозвола за директорување.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Песните на изведувачите од „Јуниверзал“ се враќаат на ТикТок

Музиката на изведувачите под крилото на мултинационалната музичка корпорација „Јуниверзал Мјузик“ (Universal Music) ќе се врати во ТикТок откако двете страни склучија нов договор за компензација на артистите по...