Формиран новиот состав на УСС УКИМ, Александар Николовски избран за претседател

Николовски најавува заложби за формирање комисија за студентски стандард, враќање на студентскиот медиум „Авангарда“, дигитализација на учебните материјали, укинување на физичките пријави и обрасци за упис и заверка на семестри

Александар Николовски, УСС УКИМ / фото: УСС УКИМ + лична архива

Александар Николовски е избран за нов претседател на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УСС УКИМ).

Николовски е студент на постдипломски студии на програмата монетарна економија, финансии и банкарство. Тој е дипломиран економист на финансиски менаџмент, а претходно ја извршуваше функцијата претседател на Факултетското студентско собрание на Економскиот факултет.

Николовски беше избран за претседател вчеравечер од страна на делегатите кои се дел од новоформираното Универзитетско студентско собрание, со што почнува со работа четвртиот мандатен состав на ова тело.

Во својата предлог-програма, Николовски најавува заложби за поголема интеграција на студентските правобранители и собранијата, формирање комисија за студентски стандард што ќе се залага за проблемите со студентските домови и стипендиите, враќање на студентскиот медиум „Авангарда“, дигитализација на учебните материјали, укинување на физичките пријави и обрасци за упис и заверка на семестри.

Тој најавува и унапредување на соработката со меѓународните студентски организации, дуално образование, како и урбанизирање на студентските кампуси.

Претходно, претседател на универзитетското собрание беше Славчо Темелковски. По завршувањето на неговиот мандат, функцијата вршител на должност претседател на УСС УКИМ ја вршеше Савче Ѓошева.