Фото: Мета.мк

Загрижени за влијанието врз животната средина, но и езерото Гратче, како единствениот поголем воден резерват во Кочани, членовите на Советот на Општината од сите политички партии, на итна седница побараа запирање на сите постапки врзани со изградбата на мини електрана на Мала Река. Поучени од многу примери во регионот, кога цели реки исчезнаа поради изградбата на вакви мали речни централи, советниците прашаа дали некој добро објаснил што ќе значи тоа по живиот свет во акумулацијата Гратче, во чија близина е локацијата за новата централа и колкава е опасноста за одржување на биолошкиот минимум. Барањето за запирање на целата постапка, доаѓа во време кога постапката за изградба на мини централата е дојдена до добивање на градежна дозвола.

Од март до мај оваа година, во време на вонредна состојба, неколку институции издале повеќе документи, со кои напреднала постапката за изградба на мини електраната на Мала Река. Команијата ДИС енергија од Скоје, за кратко време успеала да добие позитивно мислење и решенија од Министерството за животна средина, Управата за заштита на културно наследство и од други институции, вклучително да се направи и пренамена на земјиштето од шумско во градежно од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Но, за да стигне до оваа фаза, скопската компанија го добила и неопходното позитивно мислење од Општината Кочани, во 2017 година, потпишан од градоначалникот Ратко Димитровски, непосредно пред распишувањето на Локалните избори, кои се одржаа на 15 октомври 2017 година.

– Зошто Општина Кочани дала позитивно мислење за оваа градба, еден ден пред распишувањето на Локалните избори во 2017? Зошто не била вклучена јавноста пред да се даде позитивно мислење? Овој потег значи помор на растителниот и животинскиот свет. Со 11 литри вода во секунда како биолошки минимум, за 20 години ќе го снема и езерото Гратче. Дали ова не е контрадикторно со прогласувањето на Осогово за заштитено подрачје?! Во прашање е негрижа за животната средина на тие што дале вакво мислење. Примери за опустошен жив свет по изградбата на мала хидроелектрана има многу, реагира советникот Сашо Стефановски.

За членовите на советничката група од ВМРО ДПМНЕ индикативно е што сите документи се прибрани во време на вонредна состојба, во само три месеци, кога постапката трае многу подолго. Дали издавањето на документите во вонредна состоба, кога се решаваат само инти ситуации, значи дека се валидни овие документи, прашаа советниците од опозицијата.

Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ Лазо Митев побара Советот да ја стопира постапката, потсетувајќи и на можноста за граѓански референдум.

– Имавме примери на донесени одлуки кои се преиспитуваа. Апелирам до сите релевантни фактори, да се запре изградбата, повика Митев.

Кон овој повик се придружи и советничката од ДОМ, Валентина Андонова, советник од партијата ДОМ според која, малите хидроцентрали прават повеќе штета на животната средина од придобивките од производство на електрична енергија и побара да се најде начин постапката за изградба да запре.

Во меѓувреме, додека да одлучува советот, градоначалникот Николчо Илијев побарал информации околу текот и начинот на одлучување за оваа мини хидроцентрала.

– Упатив барање до пет институции за стопирање на постапката, кое од неодамна е објавено на системот. Тоа што можеме да го направиме со Советот е да изградиме заеднички концепт. Свесни сме дека вакво прашање не треба биде оставено без дискусии и анализи, кажа градоначалникот Илијев.

Советот на Општината Кочани донесе одлука за преиспитување на предметот и низ средби и разговори со релевантните чинители да одлучат што понатаму.

Адиминистративната постапка е во рацете на Општината Кочани, која треба да одлучи за финалниот документ – градежната дозвола.