Фото: Priscilla Du Preez, Unsplash

Коалиција „Маргини“ заедно со Мрежата за заштита од дискриминација поднесоа тужба за утврдување на дискриминација во учебникот „Основи на персонологија 2“, што се користи во наставната програма на Филозофскиот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

„Обвинување на жените за зголемениот број на разводи, осуда на прекинувањето на бременост и квалификување на истополовите партнерства како забеганост, се само дел од вознемирувачка содржина што бараме да биде отстранета и заменета со научно заснована содржина што е во чекор со современата научна мисла. Институциите имаат обврска да обезбедат образование насочено кон целосен развој на личноста и кон зајакнување и почитување на човековите слободи и права, поради што мора да биде ослободено од сите форми на дискриминација“, соопштија двете организации.

Како што велат тие, по неколку обиди да го привлечат вниманието на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Филозофскиот Факултет и на авторите на спорните учебници кои се дел од наставната програма на оваа единица, и да побараат повлекување на спорните содржини, наишле на отпор и игнорирање на нивните барања.

Дел од написите во учебникот може да се прочитаат на овој линк.

Коалиција Маргини и Мрежата за заштита од дискриминација најавија дека и натаму ќе продолжат со активности за подигнување на свеста на стручната и општата јавност за потребата од реформи во образованието.

Инаку Собранието го донесе Законот за спречување и заштита од дискриминација кон крајот на месец октомври годинава, откако беше вратен на повторно гласање во Собранието по неговото укинување во мај годинава со одлука на Уставниот суд, бидејќи во 2019 година не бил донесен со потребното мнозинство.

Во октомври Министерството за образование и наука соопшти дека го повлече учебникот по македонски јазик за петто одделение, поради несоодветна и дискриминирачка содржина.

„Мета.мк“ претходно пишуваше и за спорните учебници по социологија за II, III и IV година гимназиско средно образование, кои исто така имаа стереотипни и дискриминирачки текстови.