Извор на фотографија: Собрание на РСМ

Со 70 пратенички гласа „за“ Собранието вчера го донесе Законот за спречување и заштита од дискриминација откако беше вратен на повторно гласање во Собранието по неговото укинување во мај годинава со одлука на Уставниот суд, бидејќи во 2019 година не бил донесен со потребното мнозинство.

Законот треба да го обезбеди принципот на еднаквост и спречување и заштита од дискриминација, односно со законот се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа.

Пред донесувањето на законот, Мрежата за заштита од дискриминација остро ја осуди одлуката на Владата со која се одбива предлогот на граѓанските организации за транспарентна и инклузивна постапка за избор на членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Инаку во јули годинава, пред да се одржат парламентарните избори, девет мрежи на здруженија на граѓани кои заедно бројат повеќе од 100 здруженија ги повикаа политичките партии кои учествуваат во изборите да ја поддржат декларацијата за приоритетно донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација од страна на идниот парламентарен состав. Седумнаесет политички партии ја потпишаа Декларацијата за приоритетно донесување на Законот.

Мета.мк и претходно пишуваше за неопходноста на овој закон, како и за последниците со кои се соочуваат граѓаните во државата поради бавното донесување на истиот.

Законот е еден од клучните барања на Европската Унија, а немањето заштита од дискриминација беше нотирано и во Извештајот на ЕК за 2020 година за напредокот на земјата.