Климатските промени ќе ја чинат Грција две милијарди евра годишно

Извештајот предупредува дека ако не се дејствува за да се ограничи испуштањето јаглерод диоксид, Грција ја очекува создавање на пустини на околу 40 отсто од нејзината територија, особено во источните и јужните делови на земјата

Photo by Matt Artz on Unsplash

Трошоците од климатските промени за Грција до крајот на веков се проценуваат на 2,2 милијарди годишно, односно околу 1 отсто од сегашната вредност на БДП на Грција, пишува грчки „Екатимерини“, цитирајќи го извештајот на Банката на Грција и нејзиниот гувернер Јанис Стурнарас, за еколошките, економските и социјалните ефекти од климатските промени.

Во извештајот е вклучена и штетата од шумски пожари, уништени посеви и опаѓање на туризмот поради покачувањето на температурите. Извештајот предупредува дека ако не се дејствува за да се ограничи испуштањето јаглерод диоксид, Грција ја очекува создавање на пустини на околу 40 отсто од нејзината територија, особено во источните и јужните делови на земјата.

Се проценува дека температурите ќе се покачат за 1,2 до 2 Целзиусови степени до средината на веков и за 2 до 5 Целзиусови степени по 2060 година, споредено со состојбите во периодото 1971-2000. Се очекува пораст и на деновите со топлотни бранови за 10 до 15 дена до 2050 година и за 30 до 50 дена до 2100 година, посебно во најјужните делови на земјата.

Во поглед на врнежите, ќе има значително намалување по 2050, што исто така ќе биде најзастапено во најјужните делови на земјата. Истовремено, ќе се зголеми фрекфенцијата на поројните дождови. Во поглед на пожарите, тие ќе бидат почести и ќе дивеат од 10 до 20 дена повеќе отколку сега до средината на векот и за 15 до 50 дена повеќе до крајот на векот.

Истовремено, морското ниво ќе порасне за 15 до 20 сантиметри до средината на веков и за 20 до 80 сантиметри до крајот на векот.

Во однос на влијанието на климатските промени на земјоделството, особено во поглед на Тесалија, која се смета за „полето“ на Грција, постојат причини за сериозна загриженост. Во најлошто сценарио, производството на пченка до крајот на векот би се намалило за 41,7 отсто, производството на памук за 34,2 отсто, а производството на пченица, пак, би порасналот за 13,4 отсто до крајот на веков.

Според извештајот за климатските промени на Народната банка на Грција, пресвртот е направен во 1950-тите години, после што човековото влијание врз климата не може да се стави „во рикверц“.