fbpx

Кју нема спречено „глобален ковид план за депопулација“, затоа што таков не постоеше

Во нејзината „суштина“ е верувањето дека влада во сенка составена од елити, го управува светот, а членовите на оваа „влада во сенка“ се сатанисти и меѓу другото се поврзани со трговија на деца. Откако почна пандемијата со ковид-19 и вакцинацијата, приврзаниците на Кју анон теоријата на заговор почнаа да ја обвинуваат оваа таканаречена влада во сенка дека го создала коронавирусот заради масовна депопулација, иако светските бројки на населението растат

-

Објавата што ја рецензираме не само што е невистинита, туку е и бесмислена. Ковид пандемијата не е планирана, туку  таа е глобална здравствена кризна ситуација којашто беше надмината главно поради вакцинацијата и поради тоа што вирусот мутираше во поблаги варијанти, како и поради фактот што дел од популацијата го прележа вирусот. Никакви кју војници не придонеле за нејзиното стабилизирање. Кју анон е една од најконтроверзните  теории на заговор во 21 век, во чија „суштина“ е верувањето дека „влада во сенка“ составена од елити, го управува светот, а нејзините членови се сатанисти, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се изнесува дека „дигиталните војници ширум планетата ја пренесувале веста за најголемиот пресврт во историјата на човештвото започнат од Кју – велико будење“.

Народни новинари, патриоти, ја преземаа должноста да го известат човештвото за монструозниот план ковид 2020 за депопулација спречен од Кју , пишува во објавата.

Во склоп на постот, исто така, се пренесува стар цитат кој поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп го споделил на Твитер, а потоа истиот бил отстранет, а кој гласи: „Во реалноста, не ме гонат мене туку вас, јас само им стојам на патот“. Според написот на Ројтерс, кога Трамп го споделил овој твит, искористил и фотографија на Њујорк Тајмс за која немал авторски права, па затоа и твитот му бил отстранет.

Во постот што го рецензираме, се користат некои од кодните жаргонски реченични конструкции карактеристични за движењето, односно теоријата на заговор Кју анон. На пример, таков е терминот „Големо будење“.

Кју анон е една од најконтроверзните и највлијателните теории на заговор во 21 век во Америка. Во нејзината „суштина“ е верувањето дека влада во сенка составена од елити, го управува светот, а членовите на оваа „влада во сенка“ се сатанисти и меѓу другото се поврзани со трговија на деца. Откако почна пандемијата со ковид-19 и вакцинацијата, приврзаниците на Кју анон теоријата на заговор почнаа да ја обвинуваат оваа таканаречена влада во сенка дека го создала коронавирусот заради масовна депопулација, иако светските бројки на населението растат и според прогнозите на ОН ќе продолжат да растат.

Големото будење, според приврзаниците на Кју анон, треба да го означува почетокот на будењето на граѓаните ширум светот кои ќе дознаат за активостите на овие наводни владетели во сенка и ќе престанат да им се потчинуваат на политиките во нивните земји кои вклучуваат вакцинација, носење маски – како  мерки за менаџирање на пандемијата во различните нејзини фази. Според описите на Кју анон теоријата на заговор, Доналд Трамп  води битка „позади завесата“, тајно, против оваа влада во сенка, која пак, сакала да го смени од претседател за да го спречи во разоткривањето и многубројните апсења, кои во спротивно „би им следувале на владетелите во сенка за нивните злосторства“.

Во постот што го рецензираме се вели дека „народни новинари, патриоти, ја преземаа должноста да го известат човештвото за монструозниот план ковид 2020 за депопулација спречен од Кју“.

Но, ковид-19 не е план за депопулација, туку болест предизвикана од коронавирусот. Не е вистина дека болеста ковид-19 е  испланирана од некого за се убиваат луѓе. Вирусот што ја предизвикува болеста ковид-19 постои, а појавата на мутации е нормална и очекувана. Впрочем, оваа пандемија не е прва во светот, човештвото памети и други пандемии предизвикани од вируси и во минатото.

Тоа што пандемијата е во фаза на ендемија, односно тоа што состојбата со ковид-19 е значително подобрена, не се должи на некакво „големо будење“ и „спречување на депопулација од страна на кју војници“ туку се должи на масовната вакцинација, како и на мутирањето на коронавирусот, а исто така и голем дел од граѓаните го прележаа вирусот по неколкупати. Најголемата криза со ковид-19 се случи пред да бидат развиени вакцините за заштита од коронавирусот, но сепак кју анон продолжи да шири дезинформации дека ковид вакцините се „план за депопулација“.

За кју анон поддржувачите, кога не постоеа вакцините против ковид-19, тогаш „маските беа начинот за депопулација на населението“. Кога се појавија вакцините таа реторика ја префрлија врз вакцините за кои лажно тврдеа дека се создадени за масовни убивања и намалување на светското население.

Не е точно дека народни новинари го известувале човештвото за некаков монструозен план за депопулација спречен од Кју. Впрочем, профилите од кои се ширеа дезинформации за вакцините, за нивниот состав, наводните опасни несакани ефекти, само предизвикуваа да се шири паника, конфузија и недоверба меѓу граѓаните во вакцините и во здравствениот систем.

Точно е дека поради коронавирусот починаа голем број луѓе, но тоа не придонесе за депопулација на населението односно во светски рамки бројот на население расте и ќе продолжи да расте, а според бројките и прогнозите на Обединетите нации, наредните 30 години светската популација се очекува да порасне за 2 милијарди луѓе. Од моменталните 8 милијарди се очекува светската популација да достигне 9.7 милијарди до 2050 година и до средината на 2080 година да порасне на 10,4 милијарди.

Како што забележува Ројтерс во својата проверка на факти, дури и кога најголемиот дел од починатите лица од ковид-19 беа невакцинирани, сепак вакцините беа обвинувани за „депопулацијата“.

Во текот на целата пандемија забележителен беше тој тренд да се алармира за некаква депопулација и за тоа да се злоупотребуваат разни мерки, кои всушност го забавуваа ширењето на вирусот, како на пример маските, или пак, ги намалуваа смртните последици и компликации од вирусот, како на пример вакцините. Сега, кога ковид вирусот се чини дека не е силен и разорен како во почетокот, благодарение на прележаноста на сè поголем број на пациенти и поради вакциналната покриеност, Кју сега се претставува како „спасител кој ја известил јавноста за депопулација“ и „големо будење“. Самиот обид да се претстави една пандемија, којашто целиот свет не можеше докрај да ја контролира, за „планирана“ и „со цел депопулација“, е бесмислен.

Нејасно е кој би ја планирал ковид пандемијата за да се изврши такаречената депопулација? Во светот немаше ниту една непогодена држава од ковид пандемијата. Како тоа Кју го спречил овој „план за депопулација“ кој не ни постоел?

Овие прашања немаат логичен одговор ни во постот, ни надвор од него.

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина. Ковид пандемијата не е планирана туку глобална здравствена кризна ситуација којашто беше надмината главно поради вакцинацијата и поради тоа што вирусот мутираше во поблаги варијанти, како и поради фактот што дел од популацијата го прележа вирусот. Никакви кју војници кои наводно информирале за текот на пандемијата (а главно дезинформираа за вакцините, за маските, на почетокот на пандемијата дезинформираа и дека таа не постои), не придонеле за нејзиното стабилизирање.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...