Пет тима млади луѓе ќе изработат решенија за заштита на почвата со пари од програмата Апшифт

Фото: УНИЦЕФ

Пет групи составени од млади на возраст од 13 до 19 години добија по 120.000 денари за да ги остварат иновативните решенија за подобрување и заштита на почвените ресурси во заедницата и да се прилагодат на последиците од климатските промени.

Иноваторите беа избрани во рамките на програмата „Апшифт“ (UPSHIFT), во која 10 средношколски тимови од Скопје, Тетово, Кочани, Штип, Делчево, Битола и општина Долнени учествуваа во тридневната работилница за осмислување дизајн. Под водство на менторите и професорите, сите тимови имаа можност да ги развијат идеите и да се стекнат со нови практични вештини.

Последните пет циклуси на програмата „Апшифт“ беа фокусирани на младински решенија за еколошки предизвици, и над 250 млади луѓе учествуваа во овие тематски циклуси, спроведени со поддршка на Шведска и во партнерство со Фондот за иновации и технолошки развој.

„Начинот на кој децата и младите луѓе реагираат на овој циклус на „Апшифт“ е повторно показател за нивната способност да изнајдат иновативни идеи, кога им е обезбеден простор за слободно и креативно изразување. Им честитам на овие млади луѓе за ангажираноста и одличните идеи, и се надевам дека ќе претставуваат инспирација за своите врсници и дека ќе поттикнат позитивни промени поврзани со животната средина и подобрување на климата“, порача Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ во земјава.

Тим од стручното училиште „Панче Арсовски“ од Скопје ќе работи на изработка на мобилен стакленик, со кој ќе може да се мери количината на вода во почвата, влажноста на стакленикот и температурата во стакленикот.

Тимот од стручното училиште „Браќа Миладиновци“ од Скопје ќе произведува биохумус преку одгледување калифорниски црви и употреба на органско ѓубриво и растителен отпаден материјал.

Тимот од стручното училиште „Методи Митевски Брицо“ од Делчево ќе проектираат автоматизирана машина за прочистување почва со термално третирање, при што се уништуваат штетните метали.

Средното училиште „Ѓошо Викентиев“ од Кочани ќе направи подвижен уред со сензори за детекција на метали во отпадните води што ја загадуваат почвата. Уредите ќе бидат поставени на 3 места во Кочани и ќе бидат поврзани со мобилна апликација која ќе ја програмираат учениците.

Средното училиште „Кузман Шапкарев“ од Битола ќе направи органска градина за одгледување зачини и лековити тревки.

„Апшифт“ е иницијатива поддржана од УНИЦЕФ во која работилниците за социјална иновација се комбинираат со менторство, материјали и почетен капитал. Целта ѝ е да потпомогне иновативно и креативно размислување кај младите луѓе, да ги согледа предизвиците со кои се соочуваат и да им помогне да осмислат креативни решенија во вид на производ или услуга. Се надоврзува на методологијата „дизајн според потребите на човекот“, која може да се пренесе и со која и наставниците и учениците развиваат претприемачки вештини, како што се: раководење со проекти, критичко мислење, тимска работа и успешна комуникација.

Програмата ја финансира Шведска, ја спроведуваат УНИЦЕФ и здружението LEAD во партнерство со Фондот за иновации и технолошки развој, а е поддржана од Министерството за животната средина, Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Министерство за труд и социјална политика.