Извршниот директор на ТикТок денеска ќе биде сослушан во американскиот Конгрес

Американските медиуми пренесуваат дека се очекува извршниот директор на ТикТок да се обиде да ги ублажи стравувањата на законодавците во врска со практиките околу податоците и да вети оти нема да дозволи кинеската влада на кој било начин да влијае на ТикТок.

фото: Solen Feyissa на Unsplash

Извршниот директор на ТикТок, Шоу Зи Чју денеска за првпат ќе сведочи во Конгресот на САД и ќе се соочи со американските законодавци. Политичката бура околу видео платформата се интензивира, а ТикТок се соочува со закана од администрацијата на Бајден дека ќе биде целосно забранета на територијата на САД.

ТикТок, која е во сопственост на кинеската компанија „БајтДенс“, долго време се соочува со критики за податоците на американските корисници со кои располага, а за кои законодавците во САД стравуваат дека би можеле да паднат во рацете на кинеската влада.

Додека компанијата постојано ги негираше тие тврдења, наведувајќи дека податоците за американските корисници се чуваат надвор од Кина, законодавците од двете главни политички партии во САД се обединија во нивните реакции, и покрај зголемената популарност на ТикТок.

Во изјавата во која беше објавено сослушувањето на Шоу Зи Чју, републиканската претставничка Кети Мекморис Роџерс рече дека ТикТок „свесно дозволил кинеската Комунистичка партија да пристапи до податоците на американските корисници“, пренесува „Гардијан“.

„Големата технологија сè повеќе станува деструктивна сила во американското општество. Комитетот за енергија и трговија беше во првите редови барајќи од извршните директори на големите компании – од Фејсбук, до Твитер и до Гугл – да одговорат за постапките на нивните компании. Овие напори ќе продолжат и со ТикТок“, изјави Мекморис Роџерс.

Американските медиуми пренесуваат дека се очекува извршниот директор на ТикТок да се обиде да ги ублажи стравувањата на законодавците во врска со практиките околу податоците и да вети оти нема да дозволи кинеската влада на кој било начин да влијае на ТикТок.

Во видео објавено на ТикТок од официјалниот профил на компанијата, Чју ги предупреди корисниците дека ТикТок се наоѓа во „клучен момент“.

„Некои политичари почнаа да зборуваат за забрана на ТикТок“, вели Чју во видеото, додавајќи дека апликацијата сега има повеќе од 150 милиони активни месечно корисници во САД, односно речиси половина од населението на земјата.

Си-ен-ен пишува дека, според објавените белешки од страна на Претставничкиот дом на САД, Чју се очекува да ја брани корпоративната структура на „БајтДентс“ и да ги наведе чекорите што компанијата ги презела или планира да ги преземе за да ги реши стравувањата оти кинеската влада би можела да пристапи до податоците на американските корисници.

Се очекува тој да информира и дека новите податоци што ТикТок ги собира од американските корисници веќе се складираат на „клауд“ сервери управувани од американскиот технолошки гигант „Оракл“ – промена што стапи на сила минатиот месец.

Понатаму, Зи Чју ќе информира дека нова подружница на ТикТок ќе биде единствениот субјект одговорен за управување со личните информации на Американците.

Американските власти се заканија дека ќе го забранат ТикТок доколку кинеските сопственици не се откажат од своите акции. ТикТок се соочува со тужби и за „смртоносните предизвици“ кои станаа вирални на апликацијата.

Компанијата за првпат се соочи со противење од властите во САД во 2020 година, кога тогашниот претседател Доналд Трамп со извршна наредба им забрани на американските компании да соработуваат со ТикТок. Бајден ја отповика наредбата во јуни 2021 година, под услов Комитетот за странски инвестиции да ја прегледа компанијата. Кога прегледот заврши, администрацијата на Бајден објави дека ТикТок мора да ги продаде своите акции во кинеска сопственост или да се соочи со забрана во САД, пишува Си-ен-ен.

Членовите на Конгресот денеска ќе се обидат да истражат и дали преку приспособениот алгоритам за препораки на апликацијата, може да се манипулира за да се влијае на она што младите и сите корисници го гледаат.