Шпанскиот премиер Маријано Рахој изјави дека каталонските сепаратисти ја губат поддршката „но не толку колку што би сакале“.

Ова го изјави во првиот јавен настап откако сепаратистичката партија однесе тесна победа на вчерашните вонредни избори кои Мадрид ги распиша за да ги деморализира сепаратистите во Каталонија.

– Прва задача на сите партии е да работат заедно за да го доведат в ред расцепканиот регион Каталонија – рече Рахој, додавајќи дека регионот влегува во период на дијалог.

Тој рече дека мора да се надминат разликите кои се случиле и оти нема да прифати било каков чекор што би значел кршење на шпанскиот Устав. Сепак, рече дека ќе вложи напори за преговори со новата каталонска влада.

Каталонскиот лидер, Карлес Пучдемон од Брисел ја поздрави победата на партијата која се залага за независност на Каталонија на парламентарните избори за овој шпански автономен регион, нагласувајќи дека тоа е „резултат кој никој не може да го оспори“. Тој најави дека ќе се врати во земјата доколку добие гаранции од Мадрид.

Врз основа на 99,8 отсто од преброените гласови, три партии кои се залагаат за независност на Каталонија, на изборите освоиле 70 од 135 места во парламентот на регионот.