Илија Димовски се огласи вечерва на неговиот личен профил на Фејсбук и најави дека нема да биде дел од конгресот на ВМРО-ДПМНЕ кој се одржува во Валандово денеска и утре.

Претходно и Антонијо Милошоски најави дека нема да присуствува.

Во својот пост објавен вечерва, Димовски вели дека раководните лица и органи во партијата не создале услови за демократски конгрес, кој реално ќе ја отслика волјата на членовите, и затоа тој ќе биде само формалност, односно аминување на донесено решение, па нема легитимитет.

„Има политички дефицит и јасни одрази на креирање на состојба на формален избор на веќе одлучено решение, без вклученост на нашите местни и општински комитети, ветераните и сите членови на партијата. Моите забелешки не се од персонални причини, туку станува збор за принципиелни и концептуални разлики.

„На ВМРО-ДПМНЕ му е потребен нов концепт на отвореност, транспарентност и демократија. Партијата мора да ги обнови и создаде старите партнерства и мора да биде прифатена како сериозна и единствена алтернатива на лошата и неуспешна власт на СДСМ. Но, ВМРО-ДПМНЕ тоа може да го покаже само низ сопствен пример на прифаќање на некои свои грешки и пропусти, нивно исправање и силна енергија која ќе покаже дека и членовите и граѓаните, без разлика на нивната етничка и верска припадност, ќе може да прифатат дека ВМРО-ДПМНЕ е столбот врз кој може да се гради демократија, слобода, економски напредок и здрава и силна држава“, вели Димовски.