Шпанките за првпат го освоија Светското првенство во фудбал, совладувајќи ја Англија во финалето

Шпанија е петтиот победник во деветте изданија на Светскиот куп за жени и ѝ се придружи на Германија како единствените две нации што го освоиле и машкиот и женскиот турнир

Од натпреварот Јапонија - Шпанија што се одржа на 31 јули / JaumeBG, CC BY-SA 4.0 , via Wikimedia Commons

Шпанија ја порази Англија со 1-0 во финалето на Светското фудбалско првенство за жени, завршувајќи го турнирот кој собори рекорди во посетеност и телевизиска гледаност и кој ги зголеми надежите за зголемен интерес за женската игра.

Домаќини на деветтиот по ред светски шампионат беа Австралија и Нов Зеланд, со што овој настан за првпат се одржа на јужната хемисфера, пренесува Ројтерс.

Единствениот гол на натпреварот, по удар со левата нога, го постигна Олга Кармона во 29-тата минута од натпреварот.

Шпанија имаше шанса да го удвои водството во 68-мата минута, но обидот од пенал на Џени Хермосо го одбрани Мери Ерпс.

Кармона го постигна победничкиот гол и во 89-тата минута во полуфиналниот натпревар против Шведска, со што таа стана првиот играч по Карли Лојд во 2015 година што постигнала гол во полуфинале и во финале на едно светско првенство.

И покрај тоа што локалниот интерес се намалил кога Австралија испадна во полуфиналето, два милиони навивачи поминаа низ портите во деветте градови-домаќини, а финалето што се одржа денеска го следеле над 75.000 навивачи.

Шпанија е петтиот победник во деветте изданија на Светскиот куп за жени и ѝ се придружи на Германија како единствените две нации што го освоиле и машкиот и женскиот турнир.

Победата на Шпанија доаѓа и покрај бунтот на играчите минатата година, кога петнаесет од нив рекоа дека се повлекуваат од националниот тим поради нивното ментално здравје, а повикаа и на попрофесионална средина за играње, пренесува Асошиејтед Прес.