Кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“ за три месеци создаде мрежа од 520 организации

Во изминатите три месеци, кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“ помогна да се создаде мрежа од над 520 организации, поединци и експерти, со цел да се информираат граѓаните на Западен Балкан за причините, последиците и можните решенија околу аерозагадувањето.

„Целта беше со неа да посочиме дека сите имаме доволно потенцијал, знаење и капацитет за да работиме заедно во духот на солидарноста, со цел да го решиме проблемот со аерозагадувањето еднаш, засекогаш“, соопштуваат од балканските еко-организации, учесници во кампањата.

Додаваат дека, врз основа на постигнатите резултати, организациите кои ја водеа регионалната кампања „Обединет Балкан за чист воздух“, решија да ја подигнат на следно ниво, со трансформација во регионална мрежа која ќе остане отворена за сите организации посветени на солидарната борба за чист и здрав воздух.

Потсетуваат дека досега, во соработка со експерти од регионот се истражувале теми за загадувањето на воздухот и неговите последици врз смртноста и здравјето на граѓаните; врз стапката на плодност; за аерозагадувањето од големите загадувачи и индустријата; аерозагадувањето во корелација со ковид-19.

„Содржините, написите и пораките што ги создадовме допреа до повеќе од 650.000 граѓани на Западен Балкан, само преку социјалните медиуми, додека традиционалните медиуми објавија повеќе од 500 написи, соопштенија, интервјуа“, се вели во соопштението и се додава дека граѓаните на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија, се подеднакво изложени на штетни материи што се пренесуваат во воздухот.