Team of CRTA

Во изминативе седмици политичари и провладини медиуми водат интензивна кампања за оцрнување и клеветење на водечките граѓански организации и независни медиуми во Србија.

Организациите што се нападнати во силната кампања се ЦРТА (Центар за истражувања, транспарентност и одговорност), , која што раководи со иницијативата „Отворен парламент“ за следење на работата на парламентот на Србија и сервисот за проверка на факти „Истиномер“, како и КРИК – Мрежа за истражување криминал и корупција, која го раководи сервисот за борба против дезинформациите „Раскрикавање“.

Во почетокот на март, двајца пратеници од владејачката Српска напредна партија (СНС), Александар Мартиновиќ и Владимир Орлиќ, вербално ја нападнаа ЦРТА, откако организацијата поднесе жалба против Орлиќ до соодветната парламентарна комисија, поради кршење на Кодексот на однесување на пратениците со поттикнување дискриминација, омраза и насилство кон редакциите на некои медиуми.

На 13 март, како одговор на оцрнувачките обвинувања, ЦРТА поднесе пријава до Јавниот обвинител на Србија со барање да се почне истрага за тврдењата на Мартиновиќ и Орлиќ за наводно учество во обид за државен удар и атентат на претседателто на државата. Обвинителството уште не одговорило на ова барање и не почнало истрага, во која пратениците би сведочеле јавно (акко сведоци) и би ги образложиле обвинувањата за организацијата за соучество во заговор против државата.

Овие тешки обвинувања против ЦРТА и Крик се уште една форма на трендот на институционални напади врз граѓанското општество и независните медиуми што покренуваат прашања од јавен интерес, како отчетноста на државните функционери и институции преку активизам врз основа на докази и професионално новинарство.

Додека провладините таблоиди и неодговорните политичари продолжуваат да ги зголемуваат тензиите во српското општество, многумина набљудувачи стравуваат дека „ловот на вештерки“ што почна во парламентот може да излезе на улици и да ја загрози безбедноста на новинарите, граѓанските активисти и сите други критичари што се оквалификувани како „непријатели на народот“ или „непријатели на државата.

Бидејќи пратениците имаат имунитет од кривична и граѓанска одговорност за тврдења искажани во парламентот, истрагата за нивните тврдења за наводен заговор е единствениот начин институциите да побараат да сведочат и да ги поткрепат своите тврдења.

ЦРТА потсетува дека ако Орлиќ и Мартиновиќ имаат инкриминирачки докази за претпоставени кривични дела од висок ранг, тие мораат веднаш да почнат соработка со обвинителството. Во спротивно, јасно е дека го користат пратеничкиот имунитет за да продолжат да шират говор на омраза и неодговорно и без докази да поттикнуваат линч на поединци и организации.

Во практиката, нападите продолжија со зголемен интензитет, за што известува сајтот за истражувачко новинарство „Инсајдер“. На парламентарната седница на 17 март, Мартиновиќ повторно искажа низа обвинувања против независните медиуми и граѓански организации, тврдејќи дека тие се „криминални организации што не плаќаат даноци во Србија и водат нетранспарентни проекти“ за странски влади. Тогаш пратеникот повторно искажа низа обвинувања и имплицитни закани кон Програмскиот директор на ЦРТА, Раша Недељков и директорката на ЦРТА, Вукосава Црњански, вклучително и тврдења дека знаат каде живее таа, како изгледа нејзиниот стан и каков автомобил вози.

Без да изнесе какви било докази, пратеникот Мартиновиќ исто така тврдеше дека ЦРТА и уредникот на КРИК, Стеван Дојчиновиќ, се вклучени во перење милионски суми долари.

ЦРТА реагираше на имплицитните закани, коишто исто така се поттикнување насилство од водечки партиски функционери или други лица, што се повици за „улична правда“ врз граѓаните обележани како предавници и криминални профитери.

Во твит тие реагираа дека „броењето на квадратните метри на станот на нашата директорка Вука Црњански од Александар Мартиновиќ од СНС во парламентот избледнува во споредба со силеџиската закана „Знаеме каде живееш“.

Меѓународната организација Civil Rights Defenders (Бранители на граѓанските права) упати барање членовите на српската владејачка партија да се воздржат од закани кон граѓанските организации и побара „Јавниот обвинител да ги истражи неодамнешните закани кон нашиот партнер ЦРТА во Народното Собрание“.

Кампањата на клевети и оцрнување исто така го го привлече вниманието на Европскиот Парламент, којшто на 25 март усвои амандман на резолуцијата за Извештајот на Европската Комисија за Србија за 2019-2020 (2019/2175(INI), осудувајќи го нападот на пратениците и таблоидните медиуми против КРИК, иницијативата Отворен Парламент и ЦРТА. Оваа осуда стана интегрален дел на официјалната Резолуција на Европскиот Парламент за Србија, кој

39. Нагласува дека јазикот на омаловажување, заплашување и клевети и оцрнување против политичките противници и претставници на медиумите искажани од пратеници на пленарна седница на Народното Собрание претставуваат кршење на демократските праткики и основните демократски вредности што мора силно да се осудат и санкцинираат во склад со Деловникот; е згрозен од неодамнешните оркестрирани напади извршени од неколку пратеници и провладини таблоиди врз истражувачки новинари и припадници на граѓанското општество, вклучително и оние од независната медиумска мрежа КРИК и НВО-а како ЦРТА и Отворен Парламент, прикажувајќи ги како соучесници на организирани криминални групи и подготвувачи на државен удар, што е сериозно прекршување на неодамна усвоениот Кодекс на однесување на пратениците.

Претставниците на меѓународната заедница во Србија исто така ја осудија кампањата на клевети и оцрнувања на низа средби со претставници на граѓанското општество.

Највисокиот државен функционер на Србија ја коментираше резолуцијата на Европскиот Парламент, оспорувајќи ја нејзината основаност. Претседателот Александар Вучиќ рече дека ќе им порача на поддржувачите на неговата партија да престанат да упатуваат закани и да престанат јавно да објавуваат адреси или телефонски броеви на вработените во ЦРТА и КРИК, но и дека и понатаму има многу негативен став за нивната работа. Премиерката Ана Брнабиќ изјави дека тврдењата во резолуцијата на ЕП се целосно невистините.

На отворањето на конференцијата „Граѓаните имаат моќ“ на 8 април, директорката на ЦРТА, Вукосава Црњански одговори на прашање од модераторот дали очекувале напади со такво бруталност од силите што извршиле „заробување на државата“, извести српскиот дневен весник „Данас“.

Vukosava Crnjanski
Вукосава Црњански, директорка на ЦРТА. Фото: Далибор Даниловиќ

Реакцијата на ЕП и меѓународната заедница покажа дека има граници чие преминување тие нема да го дозволат, иако ние активистите не можеме да се потпираме само на меѓународната заедница. Тука станува збор за правото на активизам и правото на граѓаните и активистите да се борат против корупцијата, оцени Црњански.

Таа рече дека проблемите на ЦРТА се помалку важни од заканите против свиркачите како Александар Обрадовиќ и Марија Лукиќ, како и против локалните активистички организации, како „Црвените беџови“ од Смедерево и „Да го одбраниме Тесла“ од Панчево.

Важно е да покажеме дека не се плашиме и дека стоиме крај граѓаните, заклучи Црњански.