Властите во Камерун осудиле на смртна казна 89 припадници на нигериската исламистичка група Боко харам, јавува „Би-би-си“, повикувајќи се на извештаи на камерунските медиуми.

Одлуката ја донел воениот суд на земјата, а осудените се товарат за тероризам поради нивната вмешаност во повеќе напади во североисточниот регион на Камерун што граничи со Нигерија.

Камерун во 2014 година го донесе законот против тероризам, во кој беше вклучена и смртната казна. Ова е прв случај таа да биде применета откако е донесен законот.

Осудените 89 лица се дел од вкупно 850 уапсени во Камерун под обвинение за поврзаност со Боко харам.

Припадници на Боко харам во серија напади убија стотици лица во Камерун откако земјата минатата година се приклучи на регионалната коалиција за справување со милитантната група.