Повеќе од 70 борбени судири на бојното поле во Украина во последното деноноќие

Во Мирноград во Доњецкиот регион, 12 лица, меѓу кои и еден тинејџер, биле повредени како резултат на руски напад со ракети Ц-300

фото: Регионално обвинителство на Доњецк, преку Укринформ

Седумдесет и три борбени судири имале украинските први борбени линии во изминатите 24 часа, од кои најголем дел во областа Новопавливка, јави украинската државна новинска агенција Укринформ, повикувајќи се на соопштение од Генералштабот на вооружените сили на Украина.

„Непријателот изврши вкупно 5 ракетни напади, 95 воздушни напади и 136 напади користејќи повеќе ракетни фрлачи врз позициите на нашите војници и населбите“, соопшти Генералштабот на украинската војска на Фејсбук.

Воздушните напади биле насочени кон населбите Хранив и Синкивка во регионот Харков; шумата Серебрианске и Билохоривка во регионот Луганск; Новосадове, Терни, Јамполивка, Миколаивка, Семенивка, Бохданивка, Часив Јас, Торецк, Дружба, Желане и други во регионот Запорожје.

Под артилериски оган биле повеќе од 110 населени места во регионите Чернихив, Суми, Харков, Луганск, Доњецк, Запорожје, Дњепропетровск, Херсон и Миколаив.

Во Мирноград, во Доњецкиот регион, 12 лица, меѓу кои и еден тинејџер, биле повредени како резултат на руски напад со ракети Ц-300. На сите повредени им била пружена медицинска помош. Оштетени биле најмалку 17 станбени блокови и 27 возила, јави Укринформ.

Украинската државна новинска агенција пренесе и дека во изминатите 24 часа, украински борбени авиони погодиле осум области на концентрација на руските трупи, оружје и воена опрема. Украинските ракетни сили, пак, погодиле руска станица за електронско војување и систем за воздушна одбрана.