fbpx

Камбовски: Европската конвенција за човекови права дава можност да се укине аболицијата

-

Академик Владо Камбовски го повикува претседателот Ѓорге Иванов да ја прочита Европската конвенција за човекови права и слободи и да престане да тврди дека нема начин да ги поништи решенијата за аболиција за тие што го бараат тоа од него, пренесе „Сакам да кажам“.

„Го повикувам претседателот Ѓорге Иванов, кој тврди дека немало правно решение за поништување на аболицијата на политичарите и на високите владини функционери, да се повика на член 6 од Европската конвенција за човекови права и слободи, веднаш да ги поништи решенијата и да донесе нови. Го повикувам да престане да тврди дека нема начин како да го изведе тоа бидејќи, како професор правник, добро знае дека Европската конвенција има повисока правна моќ од домашното законодавство“, вели Камбовски.

Тој го предупредува Иванов дека ако некои од помилуваните лица бараат од претседателот да биде повлечена одлуката за помилување за нив, тој е должен да го стори тоа.

Камбовски појаснува дека се работи за спор на дел од помилуваните лица со претседателот, бидејќи во нивен интерес е да има судски спор, бидејќи им се заканува конфискација на имотот. Дел од помилуваните сакаат да ја докажат невиноста, а има и такви кои биле во притвор и сакаат низ судски процес да бараат отштета од државата за неоснован притвор.

„Ова е нивно легитимно право и претседателот на државата нема право да им го укине“, смета академик Камбовски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.