fbpx

Каква влада сака Заев, а не дава Груевски?

-

Преодна влада е, најверојатно, единствениот камен на сопнување на преговорите што неодамна почнаа во Скопје помеѓу лидерите на четирите најголеми партии и продолжија завчера во Стразбур, помеѓу Никола Груевски и Зоран Заев.

Сè погласно се зборува дека има веќе и можни кандидати за некоја идна влада, сеедно преодна или техничка, а јавноста ја заинтригира и бројната екипа која Груевски ја однесе во Стразбур и во Брисел.

Иако во светот постојат повеќе дефиниции за тоа (транзициона, привремена, техничка), заедничко за сите нив е дека се преодни влади кои имаат мандат за строго определени цели.

Преодната влада, всушност, е итен случај кога се создава една политичка празнина.

Таа влада не добива мандат на избори, туку е назначена со согласност на главните политички сили во една земја. Можно е оваа влада да биде формирана и со посредство на меѓународната заедница.

Во нејзиниот состав има експерти, кои не се поврзани со партија и кои би имале една цел – да ги организираат следните избори.

Во светот постојат повеќе испробани модели на влади кои менаџирале кризи.

  • Техничка влада. Овој збор најчесто се употребува за преодна или привремена влада. Според политиколозите, тоа се влади што не добиле мандат на избори, туку биле назначени со согласност на главните политички сили во една земја. Можно е оваа влада да биде формирана и со посредство на меѓународната заедница. Во нејзиниот состав има експерти кои не се поврзани со партија и кои би имале една цел – да ги организираат следните избори.
  • Технократска влада. Ова е форма на влада во која се вклучени инженери, научници, здравствени професионалци и други технички експерти, кои треба да носат одлуки во нивните соодветни области. Технократите се разликуваат од „еконократите“ и од „бирократите“ според начинот на размислување и на приоѓање кон решавањето на некој проблем. И ваква влада трае сè додека не се спроведат нови избори. Владата на Никола Кљусев од 1991 – 1992 година беше нарекувана „експертска влада“.
  • Коалициска влада. Ова е влада на парламентарното мнозинство или влада за која гласаат сите парламентарни партии. Вообичаената причина за овој аранжман е тоа што ниту една партија не може да постигне мнозинство во парламентот. Оваа влада може да се формира и при кризи, кога се бара заедничка одговорност од сите политички чинители. Коалициска влада, исто така, може да се создаде во време на национална тешкотија, на пример, за време на војна или економска криза. Со тоа владата има висок степен на одговорност и ќе влијае во намалувањето на внатрешните политички расправии. Овие влади се познати и под името влада на национално единство, голема коалиција. Кај нас таква беше, на пример, „Владата на широка коалиција за спас на Македонија“ формирана во мај 2001 година, во која влезе и СДСМ, кој есента истата година се повлече.
  • Концентрациона влада. Поимот концентрациона влада може да изгледа многу нејасен и необичен, затоа што тие обично се формираат во посебни услови. Тоа се обично елементарни непогоди, вонредни или воени состојби. Во таа влада треба да учествуваат сите парламентарни партии кои би пробале да ја решат кризата. Ваквата влада би имала единствена задача да го подготви демократскиот амбиент за слободни избори.
  • Привремена влада или чувар-влада. Може да се формира кога владата во парламентарниот систем е поразена со иницијативата за недоверба или во случај кога владата поднесува оставка. Оваа влада продолжува да работи во периодот по распуштањето на парламентот, ги подготвува новите избори и функционира до формирањето нова влада.
  • Преодна влада. Ова влада се формира привремено за да го подготви патот за постојана влада. На пример, кога беше соборен Садам Хусеин во Ирак, Американците формира преодна влада во земјата за да го надгледува создавањето на новиот устав и да создаде услови за одржување избори. Вакви влади се познати и во светот иако поретко тоа се случува во Европа. Последен пример на преодни или технократски влади беа формирани во некои европски земји (Италија, Грција) за да ја пребродат економската криза.

Во Грција, по крајот на диктатурата, речиси три децении владееја партиски влади и тоа составени од двете традиционално најголеми партии во државата, Нова демократија и ПАСОК. Концептот на коалициска влада беше непознат за Грција. Меѓутоа, ескалацијата на финансиската криза, големите политички превирања, народниот гнев, губењето доверба во политичките партии и несогласувањето со мерките за штедење, полека почнаа да ги менуваат работите. Во ноември 2011 година, Јоргос Папандреу беше истиснат од власта и беше формирана првата преодна влада меѓу Нова демократија и ПАСОК, со поддршка од ултрадесничарската ЛАОС. Единствената цел на оваа влада, составена, главно, од поранешни министри и од технократи од Нова демократија и од ПАСОК, беше да се извршат грчките обврски за да се ратификува договорот од Самитот на ЕУ во октомври 2011 година за да биде одобрена нова финансиска помош за Грција и кратење од 100 милијарди од грчкиот државен долг. Оваа влада имаше рок на траење од неколку месеци и јасна цел – само да ги заврши обврските за да ѝ загарантира на Грција финансиска стабилност во ЕУ, да ја избегне опасноста од банкрот и да ја одведе до избори.

Историјата на преодните влади влече корени од времето на револуциите во Европа, од средината на 19 век, а биле нарекувани и либерални влади, формирани за да се подготви државата за избори.

Една од најпознатите преодни влади е руската привремена влада по Октомвриската револуцијата во 1917 година.

Во светот познати преодни влади (кои, главно, се создаваат во подрачја со крвави верски и меѓуетнички судири), имаше во Сомалија во 2012 година, која беше и меѓународно призната, во Конго од 1998 до 2003 година и во Етиопија од 2012 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК апелира да не им се попречува работата на новинарите за време на изборите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска достави писмен одговор по испратената претставка од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), поврзана со случајот со прекршувањата на правата на новинарката...