Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ѝ се извини на Грција за користењето на името „Македонија“ наместо референцата БЈРМ на последниот состанок на министрите за одбрана на НАТО во Брисел.

Столтенберг образложил дека не било намерно именувањето на Македонија под уставното име, туку случајна грешка.

Како што информираат грчки дипломатски извори, Столтенберг се извинил на состанокот со грчкиот постојан претставник во НАТО, веднаш по завршувањето на состанокот во Брисел, кој предизвика големо незадоволство, реакции и протестна нота од грчката страна. Столтенберг посочил дека ја увидел грешката кусо откако ги дал изјавите за медиумите.

Генералниот секретар на Алијансата го замолил грчкиот претставник да пренесе искрено извинување до министрите што учествувале на состанокот на Советот на ЕУ. Столтенберг истакнал дека не се работи за намерен потег бидејќи откако го има преземено лидерството на НАТО, секогаш ја користи привремената референца за Македонија.

Грчкиот постојан претставник во Брисел по инструкции на министерот за надворешни работи, Никос Коѕиас, му пренел на Столтенберг дека кај Грција постои големо незадоволство што тој во Брисел, говорејќи за нашата држава, ѝ се обратил со „Македонија“, наместо да ја користи привремената референца и со тоа оставил простор да се добијат погрешни заклучоци за ставот на НАТО кон Македонија.

М.П.