Како што ќе се печатат, така ќе се дистрибуираат новите учебници за трето и за шесто одделение

Некои учебници се препечатуваат во целосен тираж (од прво до трето одделение имаат еднократна употреба), а за оние од погорните одделенија кои имаат законски рок на употреба од 5 години, одреден нов тираж се печати согласно барањата на училиштата по основа на оштетени учебници, информираат во МОН

Фото: МОН

Новите наставни програми за трето и за шесто одделение, изработени согласно новата Концепција за основно образование се готови. Некои учебници се веќе одобрени и изработени и тие ќе стасаат на време до учениците, а има и такви за кои нема да се бара да се достават ракописи. На 22 јуни, надлежните во Министерството за образование и наука (МОН) го објавија Конкурсот за издавање учебници во деветгодишното образование, во кој е наведено за кои учебници се потребни ракописи.

Со оглед на тоа дека изборот на учебник е сложен процес и со оглед на тоа дека крајниот рок за доставување ракописи е до 21 август, мала е веројатноста дека овие учебници би стасале до училиштата на почетокот од претстојната учебна година.

„Изработката на учебници е комплексен процес чие времетраење зависи од повеќе фактори. Појдовна основа е усвојувањето на нова наставна програма, а потоа МОН и Педагошката служба навремено објавуваат повици за авторски тимови и повици за рецензенти. Но, може да се случи за одреден учебник да не се пријават автори или рецензенти. Тогаш огласот се повторува, согласно законот. Или пак, доставен ракопис, да биде вратен на корекции. Така што, оние учебници кои се веќе изработени и одобрени, навремено ќе бидат доставени до учениците“, уверуваат во МОН.

Оттаму додаваат дека некои учебници се препечатуваат во целосен тираж (од прво до трето одделение имаат еднократна употреба), а за оние од погорните одделенија кои имаат законски рок на употреба од 5 години, одреден нов тираж се печати согласно барањата на училиштата по основа на оштетени учебници или по основ на зголемен број на ученици.

„Учебниците кои се во постапка на изработка, се надеваме дека ќе се завршат во текот на летото и ќе ги испорачаме пред да почне новата учебна година“, велат во МОН.

Согласно конкурсот, ракописите за учебник се изработуваат според наставниот план и програми за соодветното одделение и тие треба да ги исполнуваат условите и стандардите согласно со Концепцијата за учебник.

Инаку, праксата покажува дека учебниците како што се печатат, така стасуваат во училиштата. Во меѓувреме, децата учат од копии од стари учебници или пак, од материјали од Интернет кои им ги подготвуваат нивните наставници.

По скандалот со грешки во учебникот по Историја и општество за петто одделение, во јануари годинава, со цел да се подобри квалитетот на содржината во учебниците, но и да се подобри процесот на откуп и одобрување учебници во основното и средното образование, МОН и Педагошката служба иницираа процес за изработка на нов Закон за учебници за основното и средното образование. Тие ги повикаа сите заинтересирани да го разгледаат постојното законско решение и да дадат свои сугестии и предлози на електронската адреса [email protected].

„Неопходно е поставување на повеќе дополнителни филтри за контрола при изработка и одобрување на содржината на учебниците, но и изнаоѓањето начин за поттикнување на што поголема конкуренција да учествува на јавните повици за одобрување на учебници“, рекоа тогаш во МОН.

На крајот на минатата година, беа обелоденети низа неточни податоци и лоши преводи во новиот учебник по предметот Историја и општество за петто одделение, кој дури после неколку месеци, беше повлечен од употреба, но уште се наоѓа на е-ucebnici.mon.gov.mk во електронска верзија.