МОН: Подготвуваме нов Закон за учебници, секој може да даде предлози

Фото: Скриншот од електронската верзија на учебникот Историја и општество за петто одделение

За да се подобри квалитетот на содржината во учебниците, но и да се подобри процесот на откуп и одобрување учебници во основното и средното образование, Министерството за образование и наука и Педагошката служба иницираат процес за изработка на нов Закон за учебници за основното и средното образование. Оттаму ги повикуваат сите заинтересирани да го разгледаат постојното законско решение и да дадат свои сугестии и предлози на електронската адреса [email protected], најдоцна до 28 февруари.

„Членови на посебна работна комисија ќе дискутираат за секој конструктивен предлог, а откако ќе биде креирана нацрт-верзија на новото законско решение, ќе биде проследена до Владата, а потоа и до Собранието на финална дебата и конечно усвојување“, информираат во МОН.

Оттаму коментираат дека потребата од ново законско решение во интерес на образовниот систем и квалитетот на воспитно–образовниот процес во државата е очигледна.

„Неопходно е поставување на повеќе дополнителни филтри за контрола при изработка и одобрување на содржината на учебниците, но и изнаоѓањето начин за поттикнување на што поголема конкуренција да учествува на јавните повици за одобрување на учебници“, се наведува во соопштението на министерството.

На крајот на минатата година, беа обелоденети низа грешки испечатени во новиот учебник по предметот Историја и општество за петто одделение, направен согласно новата Концепција за основно образование. Во него се наведени неточни тврдења во темата „Население и континенти“, а може да се забележи и лошо преведување на информациите.

Така, во учебникот стои дека на исток нашата земја граничи со Албанија, а на запад со Бугарија. Во друг случај, пишува дека Монт Еверест е највисоката точка на Земјата со висина од неверојатни 20.035 метри надморска височина, додека најниска точка е Мртвото море кое е „повеќе од 1.400 метри под морското ниво“. Покрај ова, има и многу јазични и правописни грешки.

Во МОН искоментираа дека недозволиво било да биде испечатен учебник со ваква содржина и најавија дека ќе ги бараат причините за пропустите. Посебна комисија требаше во текот на распустот да одлучува дали ќе се печати сосема нов учебник или пак, ќе има ново издание со точни податоци. До овој момент, нема информација каква е одлуката. Учебникот не е повлечен од употреба.

За учебникот со своја реакција се огласи и Здружението на историчари, кои реагираа за низа неточни факти во учебникот.

„Во него се направени редица пропусти, и во содржинска и во концепциска смисла. Наведени се повеќе погрешни информации. Поради тоа сметаме дека доколку овој учебник се употребува во наставата, ќе му нанесе непроценлива штета на воспитно образовниот процес и ќе влијае негативно врз развојот на учениците“, наведено е во нивната писмена реакција испратена до медиумите.