MOН: Не смеело да се случат грешки во учебниците, ќе ги бараме причините за пропустите

Фото: Скриншот од електронската верзија на учебникот Историја и општество за петто одделение

Министерството за образование и наука (МОН), побарало од Националната комисија за учебници да започне процес за утврдување на причините за пропустите при одобрувањето и издавањето на учебникот по Историја и општество за 5 одделение, во кој се констатирани низа грешки и нелогичности.

Станува збор за неточни тврдења во темата „Население и континенти“, но и очигледно, за лошо преведување на информациите. Така, наведено е дека на исток нашата земја се граничи со Албанија, а на запад со Бугарија. Освен тоа, пишува дека Монт Еверест е највисока точка на земјата со висина од неверојатни 29.035 метри надморска височина, а најниска точка дека е Мртвото море кое  е „повеќе од 1.400 метри под морското ниво“. Освен тоа, има и многу јазични и правописни грешки, а пример за тоа е реченицата „Австралија е најмалиот континент и е единствена во светот која е составена само од една држава“.

Како авторки на учебникот се потпишани Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска. Рецензенти се Беса Хавзиу-Исмаили, Анета Соклевска и Виолета Шурбановска, а лекторка е Виолета Јовановска – Никовска.

„Грешките не смееја да се дозволат. Преку Националната комисија за учебници како највисоко тело во процесот на одобрување на учебници, МОН веќе побара информации за работата на сите чинители во постапката за одобрување на конкретниот учебник и по добивањето на извештајот, министерот за образование и наука ќе даде конкретен предлог за понатамошно постапување“, соопштуваат во МОН.

Оттаму оценуваат дека во време кога во Северна Македонија се случуваат најкрупните образовни реформи досега, со интензивни инвестиции во унапредување на инфраструктурните услови, подигнување на мотивацијата на наставниот и стручниот кадар во училиштата и се изработуваат нови наставни програми и учебници, недозволиво е да се случуваат вакви пропусти.

„Учебниците се една од основите за квалитетен воспитно – образовен процес. Потребен е максимален ангажман и одговорност од сите чинители кои учествуваат во процесот за градење на поквалитетен образовен систем во интерес на сегашните и идните генерации, а со тоа и во интерес на државата“, наведено е во соопштението од надлежните.

Оттаму апелираат до сите автори и рецензенти кои во иднина ќе учествуваат во постапки за изработка на учебници и наставни помагала, како и до Бирото за развој на образование и членовите на Националната комисија за учебници, да ја подигнат личната одговорност и посветеност, затоа што во овие прилично комплексни процеси, тоа од нив единствено и се очекува.