Јубилејното 20-то издание на OFFest ќе се одржи од 9 до 13 ноември

Препознатливиот скопски фестивал OFFest годинава слави јубилеј 20 години од неговите почетоци. На фестивалската програма се поставени пет концерти и проекција на еден документарен филм. Фестивалот ќе се одржи од 9 до 13 ноември во Младинскиот културен центар (МКЦ) и Националната опера и балет (НОБ).

Отворањето на фестивалот е закажано за 9 ноември, кога е предвидено да настапи извонредното португалско/шпанско дуо Lina_Raül Refree, а скопјани ќе може да уживаат во фадо музиката.

Сеќавањата на големата португалска пејачка легенда Amália Rodrigues (1920-1999) ќе бидат освежени, не само со овој концерт, туку и со проекцијата на документарниот филм „The Art of Amalia”, посветен на култната кралица на фадото.

За 11 ноември закажан е концертот на словенечкото трио Širom и на еден од најзначајните експоненти на современата бразилска музика Kiko Dinucci.

Конечно, на 13 ноември ќе се одржи концертот на еден од најинвентивните и најоригиналните африкански автори Blick Bassy (Камерун / Франција), заедно со новиот проект Pijan Slavej на фронтменот на Фолтин Бранислав Николов.