ЈСП: Средношколците од прва година бесплатните билети ќе ги добијат во училиште

Фото: Архива на „Мета.мк“

Учениците од прва година средно образование, кои ги исполнуваат условите за бесплатен јавен превоз во Скопје, билетите ќе ги добијат во матичните училишта каде ја следат наставата, информираат од ЈСП-Скопје.

Од ЈСП соопштуваат дека учениците од повисоките одделенија, во случај да има потреба од нова електронска картичка „Скопска“ (поради изгубена картичка и слично), нова/дупликат можат да обезбедат во било кој центар за персонализација на ЈСП Скопје.

„Неопходно е да достават потврда од училиште и да платат еднократен надомест од 200 денари за изработка на картичката“, информираат од ЈСП-Скопје.

Од ЈСП-Скопје појаснуваат дека средношколските билети за бесплатно користење на јавен превоз, важат за сите градски и приградски линии во период од 05 до 24 часот, односно, тие единствено не важат за користење на ноќните линии.