Фото: Digital Globe (www.digitalglobe.com), CC BY-SA 3.0, на Викимедија комонс

Во Јапонија денеска се одбележува 10 годишнината од смртоносниот земјотрес во Фукушима, цунамито и нуклеарната катастрофа што го зафатија северниот регион од земјата и однесоа близу 20.000 животи, додека околу половина милион жители беа раселени.

Денеска во 14:46 часот (06:46 по средно-европско време), кога се случи земјотресот,  преживеаните со минута молчење, се помолија за жртвите и со букети цвеќиња одеа кон крајбрежјето или на гробовите на загинатите.

Царот Нарухито со минута молк на меморијалната церемонија, изрази длабоко сочувство за жртвите и рече дека сѐ уште има многу работа за целосно надминување на проблемите од оваа катастрофа.

Еден од најголемите регистрирани земјотреси во поновата историја, од 9 степени по Рихтер, се случи на 11 март 2011 година. Тоа предизвика огромно цунами од бранови што уништи повеќе градови како и оштетување во нуклеарната централа Фукушима Даичи, каде во некои делови сè уште има радиоактивна контаминација. Поради радијацијата, тогаш беа евакуирани над 160.000 жители, а повеќе од 40.000 лица, и после една деценија, сè уште не можат да се вратат во своите домови.

Досега се поправени патишта, железничките линии, живеалишта и друга инфраструктури, за што се потрошени околу 300 милијарди долари, но делот од североисточното крајбрежје на Јапонија сѐ уште е  напуштено.