Специјалното јавно обвинителство попладнево соопшти дека до Владата и до сите пратеници од Собранието поднело иницијатива за донесување закон за јавнообвинителска служба.

„Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и што произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите, ја известува јавноста дека со оглед на фактот што до денеска не добивме одговор од надлежните инстутуции во врска со законот за јавнообвинителската служба на ова јавно обвинителство, а постои итна потреба од донесување на тој закон, до Владата на Република Македонија и сите пратеници од Собранието на Република Македонија доставена е иницијатива за донесување на овој закон“, стои во соопштението од кабинетот на Јанева.

Во образложението на иницијативата, меѓу другото, е наведено дека донесувањето на Законот за специјално обвинителство ја наметнало потребата од донесување нов закон со кој ќе бидат уредени „правата, должностите, одговорностите, платата и додатоците на плата на лицата вработени во јавнообвинителската служба на специјалното обвинителство“.

„Неопходна е законска регулатива што ќе овозможи реализација на одредбите од член 9 ,став 8, член 13, став 1, член 14, став 4, член 15 и од член 16 од Законот за јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, преку доследно почитување на принципот на автономија на ова јавно обвинителство. Постојната законска регулатива (Законот за јавнообвинителска служба) предвидува постапки за вработување лица, кои не се во согласност со Законот за јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“, стои во соопштението.