Судијата што го води случајот „Пуч“, во кој меѓу обвинетите е и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ги одбил барањата на Специјалното јавно обвинителство да им бидат доставени копии од списи и електронски докази.
Во образложението на ваквата одлука од судот велат дека со нивно доставување би била направена повреда на обврската за чување на класифицирани информации бидејќи државните институции што ги класифицирале документите, сè уште не ја тргнале таквата назнака.
Специјалното обвинителство минатиот месец трипати побарало да им бидат доставени копиите од списи и листа на електронски докази, но надлежниот судија ги одбил сите. Последното барање пристигнало на 26 февруари, во кое, според Основниот суд Скопје 1, СЈО навело дека не се согласува со образложението на судот. Надлежниот судија го одбил и ова барање.
„Ценејќи дека Обвинителството за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите ја презело надлежноста врз конкретниот предмет, при што наведените списи и електронски докази не им биле доставени од Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, судот утврди дека постојат законски пречки за доставување копии од наведените списи и електронски докази бидејќи во случајов се работи за докази класифицирани најнапред како државна тајна, а потоа со декласификација се набележани со напомената службена тајна. Од друга страна, се работи за списи и за електронски докази кои се сочинети од разни државни органи, кои ги класифицирале како државна тајна, па судот во никој случај не би можел да издава копии или преписи на овие класифицирани докази, особено без изречна дозвола и одобрение од државните органите што ги издале, бидејќи тоа нема да бидат веродостојни копии согласно законот и други прописи, а судот не е оригинерен издавач на истите докази и списи“, стои во соопштението на судот.
Оттаму додаваат дека Кривичниот суд и понатаму им ги става на располагање просториите и техничките можности на обвинителите од СЈО да вршат увид во предметот „Пуч“.
Поради недоставени списи и електронски докази, како што пренесуваат дел од медиумите, можно е повторно да биде одложено рочиштето за „Пуч“, кое е закажано за утре во 10 часот.
Од судот, пак, велат дека главната расправа за „Пуч“ ќе продолжи утре.
„Главната расправа за конкретниот предмет продолжува утре, 2 март 2016 година, во 10 часот. Досега беа закажани осум главни расправи, но сите беа одложени, а последните две беа одложени токму по барање на обвинителството (специјалното обвинителство – н.з.) заради увид во предметот“, велат од Основниот суд Скопје 1.