Изложба „Дигиталниот свет, стапица за личните податоци“: Внимавајте кога на интернет ви се нуди нешто бесплатно

Главното прашање е што се случува кога го користите вашиот телефон, што се случува кога сурфате на различни веб-страни? Што се случува кога нешто е бесплатно, кој го користи?, праша евроамбасадорот Гир

„Стаклена соба - Дигиталниот свет, стапица за личните податоци“, организирана од Македонскиот институт за медиуми во партнерство со Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија / Фото: Порталб.мк

Корисниците на дигиталните алатки мора да бидат внимателни за тоа како ги користат своите податоци во дигиталниот свет, беше пораката на мултимедијалната изложба „Стаклена соба – дигиталниот свет, стапица за личните податоци“, организирана од Македонскиот институт за медиуми во партнерство со Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, пренесува Порталб.мк.

Изложбата ја отвори Билјана Петковска од Македонскиот институт за медиуми која им се заблагодари на присутните за присуствувањето на отворањето на оваа изложба чија содржина ја креираше меѓународната невладина организација „Tactical Deck“ со седиште во Берлин.

Дејвид Гир, амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, обраќајќи им се на младите луѓе како главни корисници на дигиталните алатки, рече дека пораката на оваа мултимедијална изложба е корисниците на дигиталните алатки да имаат знаења за тоа како ги користат податоците во дигиталниот свет.

„Главното прашање е што се случува кога го користите вашиот телефон, што се случува кога сурфате на различни веб-страни? Што се случува кога нешто е бесплатно, кој го користи? Ако ги следите вестите ќе видите дека во Европската Унија има секакви прогресивни процеси на законодавството поврзани со дигиталниот свет. Ова има за цел да обезбеди еднакви услови за игра и во исто време да ги поттикне иновациите, да ја поттикне транспарентноста и одговорноста. Меѓутоа, законодавството е една работа, она што е исто така важно е корисниците на дигиталните алатки да бидат внимателни за тоа како ги користат податоците и дигиталните алатки. Со ова не сакаме да кажеме да не ги користите дигиталните алатки, тоа би било апсурдно, туку да бидете внимателни како го правите тоа“, рече амбасадорот Дејвид Гир.

„Стаклената соба“ е измислена во 2016 година во Берлин со цел да понуди едно интерактивно и иновативно искуство на предизвиците со кои се соочуваат луѓето во дигиталниот свет. Оттогаш изложбата е претставена во неколку различни градови низ светот, како во Сан Франциско, Лондон и Њујорк.