fbpx

„Излези за воздух“: Смешни се мерките на Владата против загадувањето

-

Организаторите на протестот што попладнево ќе се одржи пред објектот на Владата сметаат дека мерките што таа вчера ги предложи се смешни и не придонесуваат да се намали загадувањето на воздухот.

– Мислам дека тоа што Владата вчера излезе со такви смешни мерки може да има само контраефект. Реално, тоа што тие вчера го предложија, не се мерки, туку еден вид евакуација на населението. Тоа што јас моето дете нема да го пратам во градинка, не значи дека нема да го дише истиот загаден воздух. На секој протест што досега го одржавме, ние имавме конкретни барања, сакаме да видиме дека бројките се намалуваат, а со нивните таканаречени мерки не се постигнува ништо – вели Мерима Кондов, една од организаторите на протестот.

Владата вчера на вонредна седница донесе повеќе заклучоци и препораки. Препорачано е сите работодавци во Скопје и во Тетово да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лица постари од 60 години со респираторни и со кардиоваскуларни заболувања, како и лица помлади од 60 години со дијагноза астма и хронична опструктивна белодробна болест до 4 јануари.

Во петокот, министерот за животна средина и просторно планирање, Нурхан Изаири, освен мерките што ги одобри Владата, побара распустот за децата да почне од денеска, а рече и дека ќе се разговара за воведување на мерката пар – непар во сообраќајот.

Протестот против загадувањето ќе се одржи денеска пред Владата, во 17 часот, под мотото „Излези за воздух“.

Населбите Центар, Карпош, Лисиче, Гази Баба и градовите Битола и Тетово и денеска се најзагадени во Македонија. На табелата на интернет-страницата на која може да се видат резултатите од загадувањето на воздухот се одбележани со розова боја, која означува највисоко ниво на загадување.

За состојбата со загадениот воздух реагираа и од СДСМ. Од партијата велат дека таканаречените мерки што ги донела Владата се крајно несериозни и нема да променат ништо.

– „Дил ориентед“ политиките на Никола Груевски се фокусирани на богатењето на фамилијата, на братучедот Мијалков, на бизнис-интересите и на провизиите од тендерите за споменици вредни 630 милиони евра. Здравјето на граѓаните за Груевски и за фамилијата е неважно. ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски десет години не презедоа ништо за да се реши проблемот со загадувањето на воздухот – обвинуваат од опозициската партија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...